| четврток, 6 декември 2018 |

Делото на Маркиз де Сад „Сто и дваесет дена Содома“ се враќа во Париз

Ова дело е напишано во 1785 година, во затворот во Бастилја, и е купено за седум милиони евра. Сега се враќа од Женева во Париз. Оваа година се одбележуваат 200 години од смртта на големиот француски писател (1740-1814)

Kultura84-Marquis-1

Ракописот на францускиот писател Маркиз де Сад „Сто и дваесет дена Содома“ се враќа во Париз по кражбата, продажбата и судскиот спор меѓу две семејства од Франција и од Швајцарија.

Ова дело е напишано во 1785 година, во затворот во Бастилја, и е купено за седум милиони евра. Сега се враќа од Женева во Париз. Оваа година се одбележуваат 200 години од смртта на големиот француски писател (1740-1814).

– Станува збор за исклучителен ракопис. Украден е во 1982 година. Случајот беше пријавен во Интерпол, а две семејства водеа судски спорт. На крај се врати во Франција, по еден неверојатна авантура – изјави новиот сопственик Жерар Леритије, основач на приватниот музеј за писма и за ракописи.

Лертије за оригиналниот ракопис платил вкупно седум милиони евра, со што ова дело стана едно од трите најскапопродадени ракописи во Франција. Делото на Маркиз де Сад е осигурено на 12 милиони евра.

Делото „120 дена Содома“ содржи детали за сексуални оргии на четворица богати луѓе, кои силуваат, вршат тортура и на крај ги убиваат своите малолетни жртви.

Ракописот бил пронајден во скривница во Батилја, кога во затворот влегле француските револуционери во 1789 година. Во текот на годините неговата сопственост постојано била оспорувана пред судовите.

Но, сегашниот сопственик Леритије, претседател и основач на „Аристофил“, фирма специјализирана за ретки ракописи, изјави дека би сакал еден ден ракописот да го види во рацете на Националната библиотека на Франција.

Романот е објавен во 1904 година во Германија, откако бил купен од страна на еден германски психијатар. Во 1929 година ракописот бил купен од Мари-Лор д’Ноилес, директен потомок на Сад. Но, потоа бил украден и прошверцуван во Швајцарија и препродаден на еден колекционер на еротика во 1988 година.

Kultura84-Marquis-2

Ракописот ќе биде изложен во приватниот музеј на писма и на ракописи од септември.

Донасје Алфонс Франсоа, попознат како Маркиз де Сад, е роден на 2 јуни 1740 година, а умрел на 2 декември 1814 година. Бил француски аристократ и книжевник. Во свое време бил познат по сексуалните скандали, а подоцна и по описите на специфичните сексуални фантазии, како и на мрачните страни на човековата личност.

Човекот поради кој поимот „садизам“ влезе во речниците, поголемиот дел од својот живот го помина во лудници и по затвори. Книжевната поетика и умната изопаченост го направија еден од најконтроверзните ликови, како на неговото време, така и на денешнината.

Kultura84-Marquis-3Романите на Маркиз де Сад содржат детални описи на блуд, разврат и на изживување над мајките, татковците, децата, браќата и над сестрите. Епилог на тие „игри“ често се ѕверски мачења, кои завршуваат со убиство. Сепак, тој не бил убиец. Се чини дека му било подраго богохулењето, содомијата и мачењето. Едни го нарекуваат слободоумен, а други го осудуваат како сексуално изопачено чудовиште. Но, тоа што не може да му се забележи е истенчениот книжевен јазик, дури и кај описите на најстрашните сексуални злосторства.

Според Бруно Расин, директор на Националната библиотека на Франција, делото „120 дена Содома“ е национално богатство.

– Тоа е исклучително, уникатно дело и чудо е како преживеало. Тоа е дел од нашето културно наследство – смета Расин.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top