Пиперката е зеленчук богат со витамин Ц, кој не се губи ни по замрзнувањето, ни по киселењето. Според бојата, може да биде зелена, жолта и црвена, а според вкусот блага или лута. Лутата е незаменлива во приготвување пикантни јадења. Се јаде свежа, се употребува во салати, се пржи, пече, а се користи и за полнење и за киселење. Благата сушена и мелена пиперка е основа за многу јадења и додаток за пикантен вкус.
Состојки:
10 суви пиперки
200 грама ориз
100 грама морков
50 грама праз
2 главици кромид
3 чешниња лук
1 ливче лавров лист
50 грама целер
Магдонос
Црн пипер, сол
50 милилитри масло за јадење
Подготовка:
Сувите пиперки се попаруваат во сад со врела вода. Таму треба да останат еден или два часа за да ја впијат убаво течноста.
Оризот се мие убаво и се остава во вода.
Ситно се сечкаат кромидот, лукот и празот и се пржат на малку масло за јадење. Откако ќе се издинстуваат, се додаваат целерот и морковот, исто така, ситно исечкани. На крај се зачинуваат со сол, црн пипер и со магдонос и се оставаат да се пржат на тивок оган. Кога состојките ќе бидат омекнати, се додава оризот и се прелева со вода. Се намалува температурата и смесата се динстува половина час.
Еден подлабок сад се премачкува со масло за јадење. Пиперките се цедат од водата и се полнат со смесата и се редат во садот. Подготвените полнети пиперки се прелеваат со 200 милилитри вода и се печат во рерна на 200 степени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.