Двајца украински војници, од кои едниот офицер, се земени како заложници од вооружени терористи во источната луганска област, соопшти украинското Министерство за одбрана.
Според Министерството, војниците запреле на патот за да го поправат дефектот на нивното возило, но биле киднапирани од екстремисти, кои ги однеле во непозната насока.
Министерството додава дека заедно со други безбедносни структури, ангажирани во антитерористичката операција во источна Украина, презема мерки за ослободување на двајцата заложници.
Украинскиот е-весник „Остров“ прецизираше дека, според негови извори, сепаратистите киднапирале во околината на источниот град Славјанск офицер од разузнавањето и неговиот возач, исто така воено лице.
Судбината на заложниците останува непозната.
Во меѓувреме, Украинската служба за безбедност соопшти дека проруските вооружени единици во источна Украина добиле наредба да стрелаат директно кон украинските војници.
– Прислушуваните разговори меѓу руските саботери покажуваат дека саботажата во источна Украина се врши под раководство на руски офицери од военото разузнавање – се вели во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.