Групата „Суперхикс“ со серија активности ја прославува 20-годишнината од своето постоење. Покрај останатото, и со издавање на новото ЦД со наслов „The best of Суперхикс“, кое официјално беше промовирано денеска.
ЦД-то е во издание на „Југотон рекордс“ и со дизајн на Гоце Лалковски (DjGoce D’Sauce), на кое се наоѓаат најголемите хитови на „Суперхикс“ (Раде, Глупави Песни, Знам Дека Љуби, Африка, На Лута Рана и други).
Суперхикс својот прв настап го имаа на 3 март 1994 година во тогашниот клуб „Дорс“ во Скопје. Оттогаш до денес имаат отсвирено стотици концерти во земјава и надвор од неа, снимени се демо изданијата „Јодл“ (1995), неколку демо снимки снимени во студиото на Гоце САФ (1996), ЕП „Музика за весели и тажни“ (демо со 6 песни) и дури во 2000 година се појавува првото официјално издание под капата на тогашен „Литиум рекордс“, албумот „Чекај бе викам каде бе малку“ по кој следуваат „Трумано“ (2003), „Саботна фиеста неделна сиеста“ (лајв албум 2004), „И сега што?“ (2008), „Африка“ (2012) и најновото „The best of Суперхикс“. Во моментов „Суперхикс“ ги подготвуваат и новите песни за следен албум.
Како членови (поранешни и сегашни) во Суперхикс се јавуваат низ годините повеќе од 15 момци (девојки слабо…).
Суперхикс на сите им порачуваат дека нема да застанат тука.
– Ќе продолжиме да работиме и свириме и ова се само првите 20 години (се надеваме…), а на сите кои нè слушаат или не нè слушаат им посакуваме успешен втор круг претседателски и парламентарни избори! Да живее Македонија! – порачаа хикси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.