За авторот на романот сега веќе нема никакви причини за дисидентство, но смета дека треба докрај да се заврши процесот на лустрација за да може општеството да се ослободи од траумите на минатото, да расчисти со кодошлакот и да го преболи таканаречениот синдром на самоуништување.
Најновиот роман на Блаже Миневски, „Црна лисица“ предизвика големо интересирање. Половина од првиот тираж е веќе распродаден, а беше промовиран неодамна. За романот се интересираат Македонци што живеат на сите континенти во светот, што значи дека темата за македонските политички емигранти е интересна за сите, без оглед каде живеат. Веќе има најава и за снимање игран филм според романот, така што темата за македонското дисиденство допрва ќе го отвора патот за вистината заклучена во полициско-политичките трезори повеќе од половина век.
Велите дека „Црна лисица“ не е роман за Драган Богдановски, туку роман за македонската политичка емиграција. Што Ве инспирираше да го напишете овој роман за македонските дисиденти?
Миневски: Да,„Црна лисица“ не е роман за Драган Богдановски, но е роман и за Драган Богдановски. Ако беше роман за него, тогаш ќе немаше потреба да се измислува фиктивен главен лик на романот, кој во себе ја сублимира не само неговата судбина, туку и судбините на уште десетина други македонски политички емигранти протерани или заминати од Македонија по Втората светска војна. „Црна лисица“ не е биографија на еден човек; туку е биографија на македонското дисидентство, односно биографија на сите тие што ја сакале Македонија повеќе од што било дозволено. Во главниот лик многумина ќе го препознаат токму Богдановски затоа што неговата судбина е, можеби, најдраматична, најпотресна, најболна, и затоа што тој е единствениот наш политички емигрант, кој за тоа што го мислел и пишувал за Македонија во странство, одлежал единаесет години затвор во Македонија. А, пишувал дека Македонија е поделена, дека треба да биде независна држава и дека комунистите држат монопол на историјата, на патриотизмот, дозволувајќи татковината да се сака толку колку што тие ќе дозволат. Од сознанието дека љубовта кон татковина се плаќа со робија во татковината што безусловно ја сакаш, а притоа дури и ќе те киднапираат и со сила ќе те донесат за да те судат за тоа што го мислиш, почна моето првично интересирање за македонската политичка емиграција. Пред да се пишува, за да се сфати суштината на македонското дисидентство за кое со децении учевме дека, всушност, не постои, требаше да се соберат доволно факти, да се живее малку во кожата на македонските политички емигранти како во кожата на црна лисица, која за да не ја фатат ќе ја одгризе својата скршена нога и ќе продолжи да живее со три нозе.
Автор сте на повеќе драми. Дали темата од „Црна лисица“ е интересна за драматизација?
Миневски: Пред сѐ, се радувам што за само десетина дена од излегувањето половина од тиражот на првото издание е веќе распродаден, па наскоро ќе треба да се печати второ издание. За романот кај издавачот се интересираат Македонци што живеат на сите континенти во светот, што значи дека темата за македонските политички емигранти е интересна за сите, без оглед каде живеат, дали останале или заминале од државата. А, веќе има и најава за снимање игран филм според романот, така што мислам дека темата за македонското дисиденство и за романот посветен на таа тема допрва ќе го отвора патот за вистината заклучена во полициско-политичките трезори повеќе од половина век. „Црна лисица“ е само прв роман за македонските дисиденти, а таа тема заслужува многу повеќе, и уште повеќе. Јас би сакал овој роман, базиран врз документи, да биде сфатен како роман за македонските дисиденти, но, се разбира, бидејќи е роман, тој не е ниту доказ ниту документ за историска анализа. „Црна лисица“ зборува за едно време, за една состојба во која една партија и една структура на луѓе имаа монопол во македонската историја, па сите што мислеа поинаку беа непријатели на државата.
Колку време траеше истражувањето? Собравте многу материјал истражувајќи по архивите на полициските извештаи, разговаравте со сведоци, прочитавте многу писма, документи. Како успеавте сево ова да го синтетизирате во еден роман од неполни 500 страници?
Миневски: Како новинар уште во деведесеттите години на минатиот век пишував текстови што го третираа македонскиот придушен патриотизам, разговарав со поранешни политички затвореници, осудени за идејата за независна Македонија, така што не ми беше напозната темата. Најконкретно, најдиректно, како состојба, како дел од поновата македонска историја, вистината за македонското дисидентство почна да се пробива во јавноста со враќањето на Богдановски во Македонија, откако, две години по издржаната затворска казна, повторно замина во Европа и повторно побара политички азил. Неговите први изјави за мене беа шокантни, а во исто време и авторски инспиративни. Ако се тргне настрана тој континуитет на интересирањето за таа тема, тогаш конкретното истражување за романот траеше околу една година, а притоа поминав низ околу 10.000 страници документи, извештаи, доушнички доставки… Станува збор за огромен материјал, кој, се разбира, мораше да биде селектиран, вграден во приказната што не е вистинита, но не е ни целосна фикција, а тоа значи документите беа трансформирани во фикција, а фикцијата во документи.
Велите дека ова е роман со главен лик со име и презиме, не е биографија за Богдановски. Црната лисица е црна бидејќи е така родена или поминала низ тунел со црна боја?
Миневски: Ликот во романот е фикција составена од вистински и од измислени факти, собрани од документи, но и од „архивата“ на мојата авторска имагинација. Сакав да ги предупредам тие што го обожаваат Богдановски да не го бараат вистинскиот Драган Богдановски, односно само него во главниот лик, затоа што ќе се разочараат, но истовремено да ги известам и тие што го мразат, тие што го кодошеле и уништувале како човек да не се радуваат што главниот лик не е Драган Богдановски, затоа што тој е и Богдановски и уште десетина други македонски политички емигранти заедно, што е уште полошо за нив. Насловот може да се „чита“ на повеќе нивоа, но едно, секако, е и тоа – дали постои црна лисица и, доколку постои, дали е црна самата по себе или е црна од црнилото низ кое поминува. Според мене, а јас не знам сѐ за романот, овој наслов содржи уште многу асоцијации поврзани со лисицата што постои или не постои, но вистинската смисла на секое дело му ја даваат само читателите.
Раскажувач, романсиер, драматург…
Миневски е раскажувач, романсиер и драматург, добитник на високи новинарски признанија и реномирани книжевни награди. Застапен е во сите понови антологии на македонскиот расказ. Неговите дела се преведени на англиски, француски, српски, бугарски, шпански, турски и на албански јазик.
Автор е на расказите „Солзи во очите на тате“, „Ниски вежби“, „Заседи за белиот сон“, „Ледено око“, „Сезона на глуварките“. Негови се романите „Црниот пердув“, „Балкан за деца“, „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Приказна за третиот“, „Нишан“. Драмите на Миневски „Крик“, „Лулка“, „Женски прилог за ноќта“, „Подготовки за добра смрт“, „Немушт јазик“ се објавени во книгата со наслов „Бивши луѓе“.
Додека истражувавте за романот, сигурно, се сретнавте со многу интересни ситуации згрозувајќи се од тоа што се случувало пред многу години. Мислите ли дека тие сцени нема никогаш повеќе да се повторат?
Миневски: Многу од тоа што го прочитав во документите не можев да поверувам дека, навистина, се случувало. А, се случувало со живи луѓе и со вистински личности. Затоа мене во голем дел потоа ми остана само да го направам уверливо, реалноста да ја пренесам така како што била, а читателите да веруваат дека тоа, навистина, се случило. Што се однесува до историјата, мислам дека таквите состојби никогаш веќе нема да се повторат зашто таквата идеолошка машинерија што произведувала непријатели од сите што не мислеле како неа, според нејзините идеолошки стандарди, мислам дека веќе никогаш нема да стане доминантна државна опција во Македонија. Македонија сега е независна држава, а плурализмот дозволува слобода на говорот и на мислењето. Сега е дозволено Македонија да се сака толку колку што секој може достоинствено да издржи.
Со романот откривате како живеела македонската имиграција, со какви премрежја се соочувала. Каква иднина ја чека Македонија денес, откако го затвори ова мрачно поглавје од своето постоење?
Миневски: Македонската емиграција е комплексна социолошко-економска категорија, која ги опфаќа сите Македонци иселени од Македонија. Романот „Црна лисица“ се занимава само со македонската политичка емиграција, односно со дисидентството како дел од емиграцијата протерана и пребегана од политички причини од татковината. Мислам дека сега веќе нема никакви причини за дисидентство, но сметам дека докрај треба да се заврши процесот на лустрација за да може општеството да се ослободи од траумите на минатото, да расчисти со кодошлакот и да го преболи таканаречениот синдром на самоуништување. Паралелно со тоа, можеби, треба да се рехабилитираат или, уште повеќе, да се афирмираат и реафирмираат затемнетите делови и личности од нашата историја за да се тргне кон иднината со полна пареа зашто без чисто минато, нема ни чиста иднина. Постојано ќе се делиме на предавници и на херои, а тоа не води напред. Значи јас сум за тоа да се обелоденат сите кодоши, но и да се каже вистината и за сите што биле кодошени зашто и меѓу нив не се сите цвеќе за мирисање.
Силјан: Миневски плени со својот стил
Издавачот на најновиот роман на Миневски, Раде Силјан, за делото вели дека плени со својот стил, со својата композиција и со извонредно обликуваните ликови од македонското емигрантско милје.
– Возбудливата и динамична приказна се движи од психолошка самоанализа до трилер и од трилер до политичко-историска опсервација на македонското национално прашање. Приказната во ниту еден миг не се впушта во тривијални, публицистички асоцијации или во дневно-политички паралели, туку на супериорен начин зборува за емиграцијата, за успесите и за заблудите, за патриотизмот и за шовинизмот, за предавствата и за политичките интриги, за парадоксот да страдаш затоа што ја сакаш татковината повеќе одошто е дозволено – вели Силјан за Миневски.
Разговараше: Александра Мазнева Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.