| четврток, 6 декември 2018 |

Никола Маџиров селектор на поетскиот фестивал во Берлин

Никола Маџиров, еден од најдобрите македонски поети на денешницата ќе биде селектор и куратор на „Поезифестивал Берлин“ – еден од најзначајните светски поетски фестивали кој се одржува од 7. до 15. јуни во овој германски град. Маџиров е автор на проектот со работен наслов „Дом во егзил“ на кој ќе учестуваат десет врвни светски поети. Тој ќе биде модератор на пет фестивалски вечери, кои се замислени во вид на поетски читања и разговори.

Гости на Маџиров ќе бидат неколкукратниот кандидат за Нобелова награда Адам Загајевски, венцоносецот Томаж Шаламун, најекспонираниот поет од источна Германија Дурс Гринбајн, а своето учество го потврдија и автори од Русија, Египет, Сирија, Јужна Африка, Јамајка.

Фестивалот постои веќе 12 години и на него учестуваат големи имиња од поезијата како Лори Андерсон, Лоранд Ферлингети, Ив Бонфоа, Били Колинс и нобеловците Херта Милер и Дерек Волкот.

„Поезифестивал Берлин“ се одржува во Германската академија на науките и уметностите во Берлин, а фестивалот го посетуваат над илјада гости секоја година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top