Догорче од цигара, најверојатно, била причината за пожарот во хотелот „Топ“ во Прага, во кој престојуваат и околу 200 средношколци од средното училиште „Георги Димитров“ од Скопје. Од хотелот „Топ“ за „Дневник“ изјавија дека пожарот го предизвикал ученик што бил сместен на петтиот кат од блокот Б во хотелот, но не се открива дали станува збор за ученик од земјава.
Полициската истрага е во тек и засега ниту во амбасадата на Македонија немаат информации дали средношколец од Македонија го запалил креветот или станува збор за ученици од друга земја, кои биле сместени во собите на истиот кат.
– Еден од учениците што престојуваат во хотелот го извадил дополнителниот кревет од својата соба и го сместил во коридорот на хотелот, каде што потоа избил пожарот. Најверојатно е предизвикан од догорче. Сепак, точната причина за избувнување на огнот треба да ја утврди полициската истрага. Благодарение на брзата реакција на нашите вработени, но и на брзото пристигнување на противпожарните служби никој не беше повреден. Сепак, штетата што ја предизвикало невниманието на учениците се проценува на околу 4.000 евра – ни изјави Вероника Хронкова од хотелот „Топ“ во Прага, која не сакаше да ја открие националноста на гостинот што го предизвикал пожарот.
Македонската амбасада во Чешка е информирана дека е во тек полициска истрага.
– Веднаш по избувнувањето на пожарот контактиравме со надлежните од хотелот, пред сѐ за да се осигуриме за безбедноста на македонските државјани што престојуваат таму. Во текот на вчерашниот ден од хотелот произлегоа индикации дека е можно ученици да го запалиле креветот. но тоа е само претпоставка на вработените во хотелот – вели Паскал Стојчевски, амбасадор на Македонија во Чешка.
Според информациите на амбасадорот Стојчевски, во блокот Б во хотелот каде што избил пожарот, освен средношколци од Македонија, престојуваат и ученици од Шпанија, Грција и од Франција.
– Сѐ уште не е утврдено дали намерно бил предизвикан пожарот или, на пример, настанал поради неисправна електрична инсталација. Ако бил намерно запален, треба да се открие дали го предизвикале учениците од Македонија или учениците од другите земји. Тоа значи дека постои можност, но истрагата трае и ќе почекаме да заврши. Македонската амбасада е во контакт со претпоставените, и ако излезе дека е некој од нашата група, ќе помогнеме – вели амбасадорот Стојчевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.