| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Нашиот главен проект е отворање на нови работни места

Нашата клучна цел е отворање на работни места во Македонија. Кога ние му помагаме на бизнисот, сметаме дека помагаме на невработени луѓе,  истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во синоќешното гостување на Сител 3.

biznis

– Ако имате најниски даноци, ако имате значително подобрени услови за правење на бизнис, а тоа го потврди и Светската банка со тоа што од 94-то место нас не рангира на 25-то место во светот.  Тоа го потврдуваат и купишта фирми кои доаѓаат во Македонија изградија свои фабрики. Тогаш вие овозможувате отворање на нови работни места, а наша клучна цел е отворање на работни места во Македонија. Ние предвидуваме отворање на најмалку 64.000 нови работни места. Поконкретно кажано, во регистарот на невработени  да се намали бројот за 64.000 невработени, а во регистарот на вработени да се зголеми бројот за 64.000 вработени. Ние во овие 7 и пол години и покрај тоа што имавме тешки услови, 5 ипол години работевме во услови на криза, успеавме да отвориме нови речиси 120.000 работни места – рече Груевски.

Тој потенцира дека таа бројка од 64.000 вработување е многу остварлива особено во време кога нема да има кризи. Оваа бројка е базирана на пресметки на очекувани компании кои треба да дојдат и различни други видови на пресметки.

-Очекуваме намалување на стапката на невработеност од сегашните 28,6 на околу 22 отсто. Понекогаш луѓето прашуваат што ви значи слоганот „Има разлика“. Еве еден пример кога станува збор за вработувањата и невработеноста. Секогаш кога е СДСМ на власт, невработеноста расте. Некаде 1992-та, 1993-та година невработеноста во Македонија е 18 проценти. СДСМ ја има власта до 1998-ма, невработеноста постојано расте. ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт 1998-2002 година и покрај конфликтот и слично, имаше едно мало опаѓање на невработеноста. Доаѓа СДСМ, невработеноста повторно расте и доаѓа до 38 отсто. Од 18 до 38 отсто. Доаѓа ВМРО-ДПМНЕ на власт, од 7 ипол години, 5ипол години криза, успеваме за 10 процентни поени да ја намалиме невработеноста на 28,6. Тоа е се уште многу и се уште е висока. Но, во едно такво тешко време, кога невработеноста низ земјите во Европа расте, се отпуштаат вработени, платите се намалуваат, пензиите и социјалната помош  се намалуваат, кај нас ништо од ова не се намалува, а невработеноста опаѓа. Јас тоа го ценам за успех – истакна премиерот.

Тој потсети дека во времето на СДСМ не се случила голема гринфилд инвестиција, кога инвеститор гради фабрика и отвора нови работни места. Во тоа време, додаде, имаше само приватизација која им овозможи на блиските олигарси на СДСМ за без пари да си ги приватизираат фабриките.

Груевски во гостувањето кај Јанко посочи дека нивниот главен проект е отворање на нови работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top