Бруклин нетс се еден од ретките тимови кои можат да се пофалат со триумф над актуелниот шампион. Нетс оваа сезона победија во сите четири меча против тимот од Флорида Мајами Хит, а синоќа триумфираа со резултат 88-87. Веројатно би било се поинаку доколку судиите му свирнеа фаул на Леброн Џејмс во обидот да забие за победа.
Најефикасен играч кај гостите беше Џо Џонсон со 19 поени, Маркус Торнтон кој постигна 16, додека Пол Пирс 14. Од другата страна Џејмс уфрли 29 поени, проследени со 10 скока и 6 асистенции.
Минесота иако ослабена со неиграњето на Никола Пековиќ, на свој терен го совладаа Сан Антонио со 110-91. Рики Рубио беше најрасположен на натпреварот и мечот го заврши со 23 поени и седум асистенции. Кевин Лав уфрли 19 поени и 12 скока.
Атланта синоќа загуби со резултат 102-95 од Детроит. Антиќ може да се пофали со уште еден одличен натпревар, останувајќи на чекор од „дабл-дабл“. Антиќ натпреварот го заврши со 13 поени и девет скока. Шест кошаркари на Атланта имаа двоцифрен учинок меѓу кои најефикасен беше Пол Милсап со 24 поени.
Интересен дуел одиграа екипите на ЛА Лејкерс – Хјустон со вкупно 275 постигнати поени, а на крајот славеше Хјустон со 130-145. Вкупно 12 кошаркари на дуелот имаа двоцифрен учинок, притоа во победничкиот тим Џејмс Харден и Џоунс имаа по 33 поени, додека кај „езерџиите“ Микс заврши со 30 постигнати поени.
Резултати: Атланта – Детроит 95-102, Мајами – Бруклин 87-88, Минесота – Сан Антонио 110-91, Јута – Далас 83-95, Сакраменто – Оклахома 92-107, ЛА Лејкерс – Хјустон 130-145
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.