Друштвото на филмски професионалци на Македонија викендов го одржа годишното собрание и ги усвои извештаите за работата на претседателот Горјан Тозија, директоракaта на фестивалот „Браќа Манаки“, Лабина Митевска, правилниците за избор на македонскиот кандидат за „Oскар“ и нов директор на Фестивалот за филмска камера.
Како што информираат оттаму, на собранието бил комплетиран и новиот статут, со цел поефикасно функционирање на ДФПМ.
Поради неможноста да ја оствари својата визија за развој на Друштвото и правецот во кој треба да се движи филмот во Македонија, Тозија на колегите им ја соопштил одлука за повлекување од претседателската функција во ДФПМ. На следното собрание ќе се избира нов претседател, кој ќе го води Друштвото во наредните 4 години.
– Собранието го осуди и однесувањето на Томи Салковски и на Игор Иванов, оценувајќи го нивниот начин на комуникација како некултурен, тенденциозен и недоличен за филмската професија. Беше констатирано дека од основањето (1950 година) не е забележан таков случај на навреда на колегите и обид за рушење на Друштвото – стои во соопштението, откако Салковски и Иванов минатата недела обвинија дека Тозија е нелегитимен претседател бидејќи не бил заведен во Централниот регистар на Македонија.
На собранието бил донесен и заклучок во врска со неисполнувањето на обврските кон филмските професионалци од продуцентот на филмот „До балчак“, Данчо Чеврески, за што ДФПМ ќе излезе со посебно соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.