| четврток, 6 декември 2018 |

ГРОМ ги претстави кандидатите за пратеници на конвенција во Куманово

grom

Коалицијата ГРОМ ги претстави своите 120 кандидати за пратеници на синоќешната конвенција во Домот на културата „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Пред присутните се обратија челниците на партиите од коалицијата и носителите на листи.

Прв на членовите на ГРОМ им се обрати Кире Гештаковски, претседател на Сојузот на слободни демократи, кој посочи дека најголемиот патриот во Македонија е токму меѓу членството на ГРОМ. Алудирајќи на лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, Гештаковски истакна дека политиката на ГРОМ е против тоа за името на земјата да се решава на референдум.

Лидерот на Либерална партија, пак, Ивон Величковски, говореше за тоа што ги обединува коалициските партнери во ГРОМ.

– Нас нè спојуваат визијата и идејата дека ГРОМ не е трета опција, туку дека таа е вистинската опција . Нè спојува потребата на граѓаните за поинаков концепт, потребата за сплотување без оглед на националната и верската припадност и желбата да се обезбеди подобра иднина за сите – рече Величковски.

Претседателот на Сојузот на Титови леви сили, Слободан Угриновски, низ метафора порача дека „громот навестува дожд, а по дождот доаѓа сонце“, а лидерот на Српска напредна странка во Македонија, Драгиша Милетиќ, истакна дека во политичката опција ГРОМ граѓаните нема да го чујат зборот „напред“, туку „по нас“.

Кандидатот за претседател на ГРОМ, Зоран Поповски на присутните им порача дека ова не се избори за претседател и за пратеници во Собранието, туку избори за Македонија, на кои „ќе трчаме заедно и ќе си подаваме рака едни на други, за заедно да дојдеме на толку посакуваната цел“.
Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, ја претстави изборната програма на коалицијата и зборуваше за визиите на ГРОМ.

– Знам дека за да ги реализираме овие наши цели ќе се соочиме со тешкотии и со страв, но ајде да бидеме храбри и со високо крената глава, на 13 април да заокружиме 4 и на 27 април да заокружиме 4 и 8 и да се збогуваме со стравот, со лагите, со манипулациите – порача за крај лидерот на коалицијата ГРОМ и претседател на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top