Лидерот на Алијансата за иднината на Косово Рамуш Харадинај оцени дека во врска со Судот за воени злосторства, Косово се соочува со две можности – Парламентот да ја усвои одлуката за основање на тој суд или за тоа да одлучува Советот за Безбедност на ОН.
– Во конкретниов случај останува да бираме меѓу две позиции, обете не се лесни. Дали сакаме како Косово да преземеме одговорност и да усвоиме во Парламентот на Косово да имаме таков модел, или сакаме ние во Косово да не преземеме одговорност, туку некој друг да одлучува за нас, во овој случај СБ на ОН – рече Харадинај за Гласот на Америка.
Тој оцени дека Парламентот и косовските институции треба да го донесат решението.
– Прашање е дали се способни како институции во Косово да донесат одлука или оваа тема ќе прејде во Советот за безбедност – заклучи Харадинај.
Европската унија и официјално потврди дека посебен суд ќе се занимава со обвиненијата за воени злосторства направени во Косово и дека ќе функционира како дел од правосудниот систем на Косово. Канцеларијата на ЕУ за Радио-телевизија Косово потврди дека не се работи за формирање на трибунал туку на посебен суд во рамките на судскиот систем на Косово.
-Овој суд би имал седиште во Косово, но чувствителните судења, како сослушувањата на сведоци, би се одвивале надвор од земјата поради самата природа на обвиненијата – се наведува во писмениот одговор на Канцеларијата на ЕУ.
Унијата наведува дека тој суд не е насочен против Косово, ОВК или природата на војната, туку станува збор за истраги по повод сомнежите за тешки индивидуални злосторства.
– Судот ќе биде формиран откако Косово и ЕУ ќе разменат писма во врска со Специјалната истражувачка единица и мандатот на ЕУЛЕКС, како и после гласањето за тоа во парламентот на Косово – се наведува во одговорот на ЕУ.
Лидерите на институциите и политичките партии изразија подготвеност следната недела Парламентот да одлучува за формирање суд за злосторствата на ОВК и за продолжување на мандатот на ЕУЛЕКС, освен премиерот Хашим Тачи, кој засега не се изјаснува по тоа прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



