
Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) денеска ја посети Крива Паланка и населените места во Кривопаланечко.
Лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, пред кривопаланчани, кои го дочекаа на градскиот плоштад, изрази задоволство што доаѓа во неговиот крај, во родното Подржи Коњ, и најави оти ќе разговара со сите групи граѓани.
Јакимовски повика на обединување за решавање на проблемите во државата. Оцени дека на Македонија ѝ треба политичка сила која ќе обезбеди достоинствен живот.
– Треба да обезбедиме единство за решавање на проблемите на граѓаните, а тоа ќе се оствари преку функционирање на правото и правната држава, со функционална демократија и функционална пазарна економија. Стабилната економија ќе креира нови работни места и подобар стандард за граѓаните – рече Јакимовски.
Лидерот на ГРОМ ја претстави партијата како претставник на граѓаните и заштитник на послабите.
Посетата во отсуство на кандидатот за претседател од редовите на ГРОМ, Зоран Поповски, ја продолжи на градскиот пазар каде што разговараше со земјоделците и купувачите, а оттаму заминаа на средба со кривопаланечките пензионери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


