Секоја година во светот се фрла или пропаѓа 1,3 милијарда тони храна или третина од вкупното производство од глобалното производство, предупредува директорот на Светската агенција за храна (ФАО) при Обединетите нации (ОН), Хозе Грацијано да Силва. Во светот има 842 милиони гладни луѓе.
– Колку често, кога пазарувате, пребирате јаболки или банани и ги одбирате оние кои изгледаат најубаво? Наша природна желба за убаво овошје или зеленчук значи дека тони и тони се фрлаат во канта за ѓубре. Храната која ја фрлаат потрошувачите, дуќаните или рестораните е само дел од приказната – вели Да Силва.
Фрлањето храна во сиромашните земји е помал проблем од фактот што големи количини храна се губат во раните фази на прехранбениот синџир. Според податоците на ФАО, фрлањето храна во фармите, во фабриките, складиштата ја доведуваат во прашање сигурноста на исхраната во делови на Европа и средна Азија.
– Во земјите во развој, губотокот на храната по жетвата достига и до 40 отсто производство. Во Европа, ако ги комбинираме загубите и фрлањето храна во прехранбениот синџир, зборуваме за 280 до 300 килограми храна по лице – додаде тој.
Директорот на ФАО предупредува дека потребата за храна со годините ќе се зголеми, бидејќи прогонозите се дека до 2050 година светската популација ќе брои девет милијарди луѓе.
– Ако загубите и фрлањето храна се намалат за половина, тогаш за исхрана на светското население до 2050 година производството ќе треба да се зголеми за 25, а не како што сега се проценува за 60 отсто – изјави Да Силва.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.