| четврток, 6 декември 2018 |

Објавен повикот за приватизација на „Телеком Словенија“

telekom-slovenija

Агенцијата за приватизација на Словенија официјално објави огласи за продажба на 72,75 отсто од акциите на најголемата телекомуникациска компанија во земјата, „Телеком Словенија“.  Заинтересираните можат да ги достават своите понуди до 23 април, до 17 часот.

На продажба се ставени 4.939.793 акции од државниот оператор. Од овие акции, 96,3 отсто се во рацете на словенечката држава, а остатокот им припаѓа на осигурителните компании „Сава Ре“ и „Триглав“. Останатиот дел од овие акции, односно 2,83 отсто, им припаѓа на останатите акционери.

Словенечките медиуми велат дека владата има намера до  крајот на годинава да ја заврши целата приватизација на телекомот, чија пазарна вредност во моментот изнесува 850 милиони евра. Словенија, која се соочува со криза и мора да ги пополни буџетските дупки, од оваа продажба има намера да собере околу 700 милиони евра.

Засега како најсериознен кандидат за купување на акциите на „Телеком Словенија“ останува „Дојче Телеком“, преку својата фирма-ќерка од соседството, „Хрватски телеком“. Дека „Дојче телеком“ е сериозен во намерата да го купи државниот удел на „Телеком Словенија“ неодамна пишуваше и еминентниот германски весник „Ханделсблат“, чии аналитичари прогнозираат дека влезот на германскиот телеком оператор на словенечкиот пазар најверојатно ќе се случи бидејќи „Дојче телеком“ веќе е присутен во соседните земји.

На македонскиот пазар оваа аквизација може да има влијание. Имено, „Телеком Словенија“ е сопственик на третиот по големина телекомуникациски оператор на макеоднскиот пазар, ОНЕ.

Ако се случи ова преземање и ако „Телеком Словенија“ се продаде заедно со своите филијали, тогаш ситуацијата на македонскиот телекомуникациски пазар би била многу интересна поради тоа што „Дојче телеком“, преку „Маѓар телеком“, е газда на „Т-мобиле Македонија“, односно „Македонски телеком“.

Експертите велат дека доколку „Дојче телеком“ успее во намерата да го купи со своите филијали „Телеком Словенија“, поради регулаторните препреки на македонскиот пазар, веднаш по аквизицијата ќе биде приморан да го продаде операторот ОНЕ поради тоа што ќе има преголема концентрација на пазарот.

Словенечките медиуми шпекулираат дека, покрај „Дојче телеком“, за акциите на „Телеком Словенија“ се заинтересирани операторот „Теленор“ и два инвестициски фонда, „Цинвен“ и „Провиденс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top