На компани што неовластено користеле туѓ софтвер им е одземена опремата и се казнети со парични или условени затворски казни. Казнетите компании се задолжени да исплатат и надомест на штета во вредност од 100.000 до 550.000 денари, во зависност од количината и видот на нелиценцираниот софтвер што го користеле. Координативното тело за интелектуална сопственост на РМ денеска соопшти дека судската завршница уследила по засилените мерки во борбата против софтверската пиратерија.
Претседателот на Координативното тело, Мите Костов, вели дека ангажманот на државните органи во националното тело и улогата на надлежните судови се значајни за почитување и спроведување на заштитата на авторските права и правата од интелектуална сопственост.
– Особено сакам да ја изразам својата благодарност до претставниците на државните органи на Република Македонија кои партиципираат во Координативното тело за интелектуална сопственост. Особено радува фактот што надлежните судови во Република Македонија постапуваат по нашите пријави против сторителите на казниви дела и сега дојдовме и до судски завршници и високи казни за оние кои не го почитуваат законот – изјави Костов, претседател на Координативното тело за интелектуална сопственост на Република Македонија.
Нелегалниот софтвер претставува огромен ризик за потрошувачите. Фалсификуваните копии ги изложуваат корисниците на вируси кои можат брзо да заразат цели мрежи и заедници, а злонамерните софтвери да ги загрозат приватните податоци и да доведат до кражба на идентитет.
Софтверската пиратерија предизвикува намалување на даноците и губење на работните места, делува дестимулативно на инвестициите и генерално има длабоки негативни импликации за милиони луѓе низ целиот свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.