| четврток, 6 декември 2018 |

Игор Стефановски-Иџе: Ќе им ги поматам сметките на фаворитите

Најдобриот македонски автомобилист е оптимист во пресрет на новата сезона од Европското првенство на ридски патеки  , во која за прв пат ќе настапи на сите 12 трки.  Игор Стефановски-Иџе е подгoтвeн за настап во текот на целата сезона од Европското првенство на ридски патеки. Пред Стефановски е најголемиот предизвик во неговата кариера – 12 трки на најдобрите ридски патеки на Стариот континент против комплетната европска елита во оваа дисциплина од авто-спортот.

–          На крајот од минатата сезона најавивме дека ќе сториме се да ги склопиме коцките од мозаикот и да го направиме конечниот исчекор кон европската елита и остварување на нашиот сон. За среќа, наидовме на големо разбирање, поддршка и интерес од нашите минатогодишни спонзори, а пред се од нашиот главен спонзор Витаминка. Како наш нов спонзор за оваа за оваа сезона се приклучи и Кожувчанка со својот бренд Синалко, кои заедно со Мотоцентар, Линк медиа, ЛПР ќе бидат наши горди партнери за оваа сезона – вели Стефановски.

По освојувањето на 10 национални шампионски титули во домашните првенства, Стефановски ќе ја вози својата четврта сезона на меѓународните патеки и ќе се обиде да го направи историскиот исчекор за македонскиот автомобилизам како прв наш возач кој целосно ќе се натпреварува на некое Европско првенство под капата на ФИА. Со возилото Mitsubishi Lancer EVO IX тој ќе се напреварува во Група N каде што традиционално и конкуренцијата во категоријата на автомобили е најголема. Минатата сезона беше посветена на запознавање со новото возило, а покрај настапите во Шампионатот на ЦЕЗ, Стефановски настапи на две трки од Европскиот шампионат, во Рехберг, Австрија каде што го освои петтото место и на последната трка во Бузет, Хрватска. Токму фантастичниот настап во Бузет дава надеж дека Стефановски има шанси против европската елита. На легендарната хрватска патека Стефановски заврши на второто место во групата N, но за жал, беше „жртва“ на игрите за конечниот пласман, па по трката беше дисквалификуван поради банална причина поврзана со дел од клима уредот. Сепак, по трката, Хрватите не го криеја своето одушевување од Стефановски најавувајќи во нивните медиуми дека на европскиот асфалт се раѓа нова ѕвезда.

–          Бузет можеше да ми биде најдобрата трка во досегашниот тек од кариерата, но место тоа, заврши како едно од најголемите разочарувања. Сепак, таа приказна е завршена и во основа, од оваа перспектива, тие случувања беа голема школа за она што ќе не очекува оваа година, не само на афалтот, туку и вон него. Исто така позитивно е што тие моменти во Бузет покажаа дека веќе на нашиот тим не се гледа само како на симпатични гости од мала земја без голема традиција во автомобилизмот, туку како некои кои може сериозно да ги поматат сметките на фаворитите и да бидат жестока конкуренција – додаде популарниот Иџе.

Европската авантура на тимот на Стефановски започнува на 12/13 април за кога е закажана првата трка од шампионатот во Сент Жан Ду Гард во Франција.

–          Стартот од шампионатот ќе биде мошне напорен затоа што три од првите четири трки се воедно и оние кои се најдалеку. По Франција следи Австрија, а потоа не чека големо патешествие во мај со трките во Шпанија и Португалија. Сето тоа ќе бара и дополнителен ангажман од тимот, но иако не чека пат во непознатото веруваме дека сме добро подготвени достојно да ја преставуваме нашата земја и македонскиот автомобилизам – вели Стефановски.

 

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО НА РИДСКИ ПАТЕКИ – КАЛЕНДАР

11.04.2014 Course de Côte Saint Jean du Gard Col Saint Pierre

FRA

25.04.2014 Grosser Bergpreis von Österreich, Rechberg

AUT

10.05.2014 35ª Rampa Internacional da Falperra Sec.

POR

16.05.2014 XLIII Subida Internacional al Fito Sec.

ESP

07.06.2014 ECCE HOMO Sternberk

CZE

13.06.2014 Limanowa

POL

27.06.2014 53° Coppa Paolino Teodori

ITA

19.07.2014 Dobsinsky kopec 2014

SVK

25.07.2014 ADAC Glasbachrennen

GER

16.08.2014 Course de côte St. Ursanne – Les Rangiers

SWI

30.08.2014 20. GHD Ilirska Bistrica 2014

SLO

20.09.2014 Buzetski dani 2014

HRV

 

MITSUBISHI LANCER EVO IX

Година на производство: 2007

Група и класа: N+3000

Сила на моторот: 430 коњски сили

Амортизери: Reiger

Тежина: 1.350 кг.

Подготвеноод:  racing.charouz.cz

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top