По средбата на премиерите на Македонија и на Бугарија, Никола Груевски и Бојко Борисов во Скопје, беше испратено заедничко соопштение, во кое се вели дека двајцата се заложиле за продлабочување, унапредување и интензивирање на односите меѓу двете земји. Двете влади се примарно насочени кон генерирање позитивен моментум со цел европеизација и стабилизација на регионот.
Во заедничкото соопштение се наведува дека Груевски и Борисов ги поздравија односите помеѓу двете земји и истакнаа силна посветеност за нивно продлабочување, унапредување и интензивирање на секое поле од взаемен интерес, и заложба за надминување на сите предизвици во духот на европските вредности.
Беше истакната посветеноста за унапредување на политичкиот дијалог, и интензивирање на средбите на високо ниво. Од големо значење е испраќањето на позитивни пораки во јавноста со што се придонесува во надминувањето на стереотипите и се јакне амбиентот и духот на соработката, се вели во соопштението.
Владите се примарно насочени кон генерирање позитивен моментум со цел европеизација и стабилизација на нашиот регион. Добрососедството, како што се наведува во соопштението, треба да се надградува и дефинира како искреност и посветеност во реализацијата на практичните дела.
Република Македонија и Република Бугарија ја споделуваат визијата за регионот, целосно интегриран во европските и евроатланските структури, а во овој процес поддршката од соседите е есенцијална.
На средбата, како што се посочува, биле опфатени темите околу постигнување на понатамошен напредок во врска со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и иницијативите од заеднички интерес.
Одржување на заедничка седница на двете Влади е двостран интерес и потреба, и можност да ги постави основите и за уште посодржајна соработка во доменот на економијата, енергетиката и инфраструктурата, се вели во заедничкото соопштение.
Била изразена согласност и во тековното тромесечје и на подолг рок, да се интензивира соработката и да се зајакне меѓусебната доверба, преку реализација на практични проекти од образованието, културата, економијата, евроинтеграцискиот процес, здравството, инфраструктурното поврзување, енергетиката, транспортот, животна средина.
На средбата била акцентирана потребата за зголемување на економската соработка, за која има голем потенцијал за иден развој, зголемување на трговската размена, и динамична соработка на полето на инвестициите, при што инвеститорите од една земја се добредојдени и очекувани за инвестиции во другата земја, и обратно. Во таа насока од особено значење е почетокот на работата на Мешовитиот комитет за економска соработка.
Двете страни се фокусирани на реализирање на проектите од Коридорот 8, со акцент на железничката и автопатската линија Софија – Скопје, со партнерски пристап. Од особено значење е прекуграничната соработка и ефикасно користење на европските фондови, преку реализација на повеќе практични проекти од ИПА компонента.
Отворањето на граничниот премин „Клепало’’ (Берово-Струмјани), ќе придонесе кон подобрување на животниот стандард во пограничните региони од двете страни, се наведува во заедничкото соопштение по средбата на премиерите Груевски и Борисов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.