| четврток, 6 декември 2018 |

Израелската компанија „Бен дор“ сака да инвестира во Македонија

ovosje-500

Израелската компанија „Бен дор“, која развива нови сорти овошје, е заинтересирана да инвестира во Македонија. Претставници на компанијата денеска се сретнаа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски и со министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф. Оценката на претставниците на компанијата е дека Македонија има добра местоположба, а климатските услови се повеќе од поволни, така што инвестицијата во почетокот би можеле да ја насочат во отворање на центар за пакување и ладилници во соработка со постоечките производители во државата.

Во првата фаза компанијата би почнала со поставување логистички центри и би се испитале можностите и пазарот со цел да се утврди најдобриот модел и потенцијалните пазари, по што би продолжиле и со сопствено производство на единствени сорти на овошје (сливи, круши, кајсии, јаболка и праски). Се очекува во оваа фаза компанијата да понуди 10.000 тони годишно од овие производи на пазарот.

Компанијата има меѓународни стандарди за квалитет, вклучувајќи Глобалгап, БРЦ и ИСО 9001 и има пакувачки капацитети, ладилници и транзит станици.

На состанокот министерот Димовски истакнал дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе има воспоставено добра соработка со израелското Министерство за земјоделство и оти ќе помогне компанијата да ги пронајде партнерите во Македонија.

Компанијата „Бен дор“, информира Министерството за земјоделство, во текот на неделата ќе ги посети Демир Капија, Гевгелија, Валандово и Росоман, чиешто поднебје и клима се поволни за одгледување овошје

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top