| четврток, 6 декември 2018 |

Со маскенбал почнува деветтото издание на Модната недела во Скопје

fw1

Во маскенбал во ноќниот клуб „Станица 26“ вечерва почнува деветтото издание на Модната недела во Скопје, која ќе трае до 6 април. Модните ревии ќе се случуваат на неколку локации низ градот, а на оваа Модна недела ќе се претстават 20 дизајнери и модни куќи. Како што најавија од Модната недела, новина е излогот во концептуалното кафуле „Концепт 37“ каде што дизајнерите по ревијата ќе ги изложуваат парчињата на продажба.

Марката „Hard to explain“ со моделите на Катерина Попева и Марија Дацевска ќе се претстави низ моден перформанс пред нивното ателје во Старата скопска чаршија.
Модната куќа „Елена Лука“ на Моден викенд Скопје ќе ги прикаже моделите за претстојната сезоната пролет-лето 2014 година. Оттаму најавуваат уникатни креации кои ја следат елегантната силуета на жената. Во рамките на пролетниот Моден викенд ќе ги видиме и моделите на Јасмина Дракул.

Модната куќа „Mcouture by Mila Kadriu” на моден бранч во градина ќе ја прикаже најновата колекцијата.
Салонот „Ауди – Порше Македонија” ќе биде местото на случувањата во последните три дена. Таму со групна модна ревија ќе се претстават студентите од Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје. Победниците на проектот „Поп! Мода“, организиран во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Текстилен кластер-Македонија на минатогодишното пролетно издание на модниот викенд, Виктор Цветановски, Ана Камчева и Алмир Мили овојпат ќе претстават капсулни колекции.

На истата локација ќе ги видиме ревиите на веќе познатите имиња: Никола Петровски кој ќе претстави колекција за есен-зима 14/15, Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Бобан Илиевски и неговиот „Chic Undercowear”, Ирина Тошева, „Вибразиони на Александра Митковска” и брендот Лидија Георгиева. Елена Спасовска ќе се претстави со моден перформанс, а ревии ќе имаат и Роберт Ивановски, Јелкица и Виолета Поповски и првпат Ивана Јованоска. Деби модна ревија ќе има и ателје Оливера Штакоска.
Пролетниот Моден викенд Скопје ќе го затвори најновата колекција на Росица Мршиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top