| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот словачки претседател се откажа од платата

Новиот словачки претседател Андреј Киска, кој беше избран во саботата, денеска се откажа од платата на шеф на државата за целиот петгодишен мандат, јави ИТАР-ТАСС.

Независниот кандидат Киска, кој е бизнисмен и филантроп, во својата предизборна кампања вложи лични средства во износ што го надминува сето тоа што тој ќе го заработи како плата во својот претседателски мандат.

Претседателот на Словачка добива плата од 6.000 евра, а годишниот приход на Киска од неговите инвестиции во различни фондови изнесува околу 700.000 евра.

Киска во Словачка го сметаат за ново лице во политиката. Но, тој од 2006 година е добро познат како филантроп и донатор. Неговиот хуманитарен фонд „Добриот ангел“ оттогаш им има помогнато на околу 5.000 деца, кои се лекуваат од онколошки заболувања.

Киска беше избран за претседател во вториот круг од изборите, со над 59 проценти од гласовите, победувајќи го својот противник, премиерот Роберт Фицо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top