Младата дизајнерка Ивана Кнез и нејзината сѐ попрепознатлива модна марка „драма“ внесоа свежина во тмурното македонско модно небо, барем кога станува збор за оригинални парчиња голем и впечатлив накит, како и облека која говори сама за себе.
За само четири години постоење, модната марка „драма“ се најде рамо до рамо со наши етаблирани, но и многу светски марки.
– „Драма“ е секој ден, поинаков ден, емотивен ден, исполнет со реакции и со дејства, дијалози кои дефинираат карактери и монолози кои поставуваат лични темели. Па, зошто да не „драма“ кога секој ден е драматичен – вака Кнез ги опишува идејата и концептот за создавањето на нејзината марка.

Како дипломиран костимограф на Академијата за убави уметности во Белград, каде што напоредно земаше часови за костим и мода кај етаблирани професори од тој регион, Кнез соработува со повеќе театри, со некои аматерски, а со други професионално. Особен белег оставија нејзините костими во драмската куќа „Театра“ и во Драмски театар.
– Искуството и љубовта кон костимот, првенствено театарскиот костим, беа пресудни за создавање на мојата „драма“, мој начин на костимографска модна експресија – вели Ивана.
Јавноста ја препозна иновативноста на модната марка „драма“ преку Тамара Тодевска, за чиј изглед на јавните настапи во последните 18 месеци се грижи токму Кнез.
– Соработката со Тамара донесе нови предизвици, пред сѐ, поради карактерот на младата дива со која е особена чест и задоволство да се соработува во секој момент. Како таква, Тамара ја задржуваме како единствено заштитно лице – вели Кнез.

Крајот на март носи нов почеток за бутикот „Драма“, кој, покрај стариот простор кај основното училиште „Јохан Хајнрих–Песталоци“, добива нов простор и отсега асортиманот на „драма“, „Karla JWLR“ и на „LOOM“ ќе може да се најде и во студиото во Старата скопска чаршија, покрај Безистен.
Следно од Ивана Кнез е и промоцијата на „Submissive dramawear“, која периодов е актуелна на настапите на Тамара, заштитното лице на колекцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


