Ние,
македонските револуционери,
немаме ништо со небото…
ами со земјата, со народот
На патот што води од Лерин за Костур, во планинската област Корештата, некаде на половина пат се скршнува надесно кон грчко-албанската граница, т.е. граничниот премин, каде што патот понатаму води кон албанскиот град Корча. На самата денешна граница, на грчка територија, се наоѓа селото Смрдеш. Во минатото селото претставувало околиски центар, кое на почетокот на 20 век имало околу 2.000 жители. Смрдеш било населено со доминантно македонско население и останало такво сè до крајот на Граѓанската војна во Грција (1949), кога целокупното население било принудено засекогаш да ги напушти своите домови. Истовремено биле разурнати најголем дел од куќите, а од старото село денес е зачувана само катедралната црква. Сегашната местоположба на населбата е стотина метри поназапад, во правец на поранешното село В’мбел. Во педесеттите години од минатиот век селото повторно било населено, но со влашко население од Епир. Како и да е, селото Смрдеш оставило огромни траги во националната историја на македонскиот народ, пред сè во илинденскиот период. Доволно е да се потсетиме дека токму од оваа село потекнуваат прославените војводи на МРО, Васил Чакаларов и Пандо Кљашев. Но, токму од Смрдеш потекнува и истакнатиот македонист, следбеник на Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски, – Гаврил Константинович.
Гаврил Константинович е роден во 1881 година, основното и дел од гимназиското образование го здобил на грчи јазик. Во 1897 година добил стипендија и заминал за Белград, каде што го завршил гимназиското образование. Веќе наредната година (1898), поднел барање за прием во воената академија, но по добиените информации од српскиот конзул од Битола, неговата молба била одбиена. Меѓутоа, Константинович тука не застанал во своето интелектуално надоградување. Во 1900 година завршил класична гимназија во Белград, по што се запишал како редовен студент на Филозофскиот факултет. Во Белград, очигледно, не бил задоволен и по завршувањето на првата студентска година, во 1901 година заминува за Петроград (Русија), каде што го продолжил образованието на Воено-медицинската академија.
Во Петроград се случила пресвртница во животот на Константинович. Таму станал член на Македонското научно-литературно друштво
„Св Климент“, а на 29 декември 1902 година бил избран за потпретседател на истото друштво. Бил близок со Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Стефан Дедов и Дијаманди Мишајков. Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) во Петроград официјално било конституирано на 28 октомври 1902 година со 19 потписници. На 12 ноември 1902 година до руската влада и до Советот на петроградското словенско благотворно братство, МНЛД испратило меморандум, што, всушност, претставувала прва национална програма, во која се барало признавање на Македонците како посебна нација, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на Османлиската Империја. И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, сепак, Советот на петроградското словенско благотворно братство го признало Македонското научно-литературно друштво како рамноправен член на Советот. При основањето го носи името на патронатот свети Климент Охридски, а од 1903 година (со „Уставот”) на светите Кирил и Методиј. Кон крајот на 1905 година МНЛД било неутрализирано, а од 1912 година се појавува под нови имиња, но не успева да добие официјално признание од руските надлежни власти. Неговата дејност завршува во 1917 година со Октомвриската револуција во Русија.
Гаврил Константинович како санитетско лице учествувал во Руско-јапонската војна (1904-1905), за што добил воен медал и медал на Црвениот крст. По завршувањето на Воено-медицинската академија во 1907 година, во периодот од 1908 до 1910 година работи како лекар на средноазиската железница. Учествувал во искоренувањето на чумата што се појавила во Харбин, Манџурија во 1910/11 година. Како руски поданик, со уште неколку свои колеги во 1912 година заминал за Црна Гора каде што работи како управител на руската воена болница. За своето учество и заслуги за време на Првата балканска војна, Црна Гора го одликува со Данилов крст од III степен. За време на Втората меѓусојузничка балканска војна, Константинович бил повлечен во Русија. Пред судбоносниот Букурешки договор, бил еден од потписниците на меморандумот до конференцијата на големите сили во Лондон на македонската емиграција во Петроград со кој се барало формирање независна македонска држава. По завршувањето на конференцијата, на 20 јули 1913 година, до владите на балканските држави бил испратен и втор меморандум во кој се барало автономија на Македонија. Македонското научно-литературно другарство барало Македонија во своите етнографски, географски, историски и културно-просветни граници да биде оформена како самостојна држава, рамноправна со своите балкански соседи и, секако, обновување на Охридската архиепископија.
Избувнувањето на Првата светска војна донела нови животни искушенија за Константинович. Прво бил испратен како воен лекар во Прусија, за во 1915 година да биде префрлен во Србија. Во борбите кај Лесковац со бугарската војска, иако бил ранет, не ја напуштил српската војска, туку со неа преку Албанија се префрла на островот Крф. Подоцна, Србија за неговите заслуги го одликувала со орденот на Свети Сава од III степен. По заздравувањето во Петроград се приклучил на Првата српска доброволечка дивизија во Русија и учествувал во борбите во Добруџа. Поради судир со раководството на дивизијата, се повлекува од дивизијата и на 15 февруари 1917 година бил испратен во Елисаветград за да ги лекува српските бегалци и доброволци. Големиот напор, исцрпеноста, повредите и болеста се причината што се враќа во Петроград.
Меѓутоа, воените патешествија на Константинович не завршиле, тој, заедно со многумина македонски револуционери, учествувал во Октомвриската револуција (1917). Некои од нив сосема ѝ се посветиле на Револуцијата и активно учествувале во одбраната на придобивките. Едeн од најистакнатите, кој имал видна улога во револуцијата, бил и Гаврил Константинович. Поради напорна работа, тој се разболува и се враќа на лекување во Петроград, кој во тоа време бил жариште на октомвриската револуција. Константинович им се приклучил на болшевиците и за нив извршувал повеќе должности. На 10 јули 1917 година напишал отворено писмо од јужнословенски револуционер до предавниците на Русија и на словенството, насочено против меншевиците и есерите. Откако му се подобрила здравствената состојба, заминува во градот Кем, каде што од почетокот на август работел како лекар во составот на персоналот при дирекцијата за изградба на Мурнманската железница. Во Кем, Константинович се приклучил на новата револуционерна власт по избувнувањето на октомвриската револуција. Во јуни 1918 година прво бил избран за комесар по народно здравје во Кем, а потоа и за член на Извршниот комитет при кемскиот околиски совет. Бил зачуван во ракопис еден негов говор, кој го одржал во јуни или јули 1918 година, пред повеќе од 1.000 работници, при отворањето на народниот собор во Кем. Таму се декларирал и како „Јужен славјанин и како македонски револуционер“.
По почнувањето на Руската граѓанска војна интервенационистичките сили на Антантата ги зазеле Кем и околните места, при што во јули 1918 година бил уапсен и Константинович. Константинович, кој не сакал да се изјасни како Србин, бил ставен под истрага на Првата српска доброволечка дивизија. Бил обвинуван дека не се признавал за Србин, туку кажувал дека е „Славјан – Македонец“. На барање на англиската војска, Константинович бил испратен во Мурманск, во придружба на двајца српски војници. На пат за Мурманск, на 1 септември бил убиен, наводно, при обид за бегство.
За да биде иронијата поголема, Константинович, лекар и хуманист, човек што се залагал за пансловенизам, за јужнословенска федерација, но кој по никоја цена не сакал да си го промени идентитетот, загинал од рацете на синовите на народот на кои им помагал и кои го одликувале!
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја