| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Ќе продолжиме да инвестираме во индустиријата и земјоделството

Кандидат за претседател на државата, вечерва во Кочани потсети на реализираните проекти со Владата, потенцирајќи дека се отворени 120.000 нови работни места во целата држава, а до крајот на годинава најави уште 10.000 нови работни места

ivanov rosoman4

Јас сум претседател кој го слуша својот народ и му служи на народот, истакна пред жителите на Кочани кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорѓе Иванов.

– Во изминативе години ја промовирав Македонија, како земја клучна во реформите на регионот, земја со мошне поволни услови за инвестирање. Создавав нови хоризонти за развој на државата и нејзино членство во ЕУ и НАТО, рече Иванов.

Тој потсети на реализираните проекти со Владата, потенцирајќи дека се отворени 120.000 нови работни места во целата држава, а до крајот на годинава најави уште 10.000 нови работни места.

ivanov kocani1

– Организирав бизнис форуми, носев странски инвеститори. Создавав заедно со Владата поволна бизнис-клима, рече Иванов.

Видливи, според него, се резултатите и во Кочани. До 2018 година компанијата „Амфенол“ ќе вработи 2.000 луѓе, австриски „Текспорт“ и холандска „Антура“ по 300 нови вработувања, а во „Џонсон контролс“ вработување најдоа 300 кочанчани.

ivanov kocani

– Направивме земјоделците да имаат достоен живот и повеќе од тоа. Обезбедивме субвенции во вредност од 530 милиони денари, а во кочанскиот крај ќе вложиме напори за искористување на енергијата, посебно на геотермалните води – рече кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Иванов посочи на изградбата на автопатската делница од Скопје до Штип, како и патниот правец од Штип до Кочани.

Од кочанчани тој ја побара довербата да гласаат за него и за коалицијата „За подобра Македонија“ зошто само така можат да се продолжат започнатите проекти.

Заменик-претседателот на Владата Владимир Пешевски истакна дека претседателот на државата е највисоката функција која постои и дека претседателот ја врши најголемата презентација на Македонија надвор од границите на културен, историски и економски план.

Зборувајќи за кандидатот Иванов, тој истакна дека мал е бројот на луѓето во македонската историја со срце, волја и пожртвуваност да ја вршат функцијата претседател.

kocani ivanov

– Ѓорѓе Иванов изминатите пет години покажа дека има и капацитет и волја и пожртвуваност со својот начин на работа да се вброи меѓу луѓето кои претходно ја вршеле оваа функција споменувајќи ги Никола Карев, Методи Андонов Ченто и Борис Трајковски кои целосно го посветиле животот за својата Македонија – рече Пешевски.

На вечерашниов митинг во Кочани свои обраќања имаа и Неждет Мустафа од Обединетата партија за еманципација на Ромите, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите, Тони Трајановски од Демократскиот и Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top