Јас сум претседател кој го слуша својот народ и му служи на народот, истакна пред жителите на Кочани кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорѓе Иванов.
– Во изминативе години ја промовирав Македонија, како земја клучна во реформите на регионот, земја со мошне поволни услови за инвестирање. Создавав нови хоризонти за развој на државата и нејзино членство во ЕУ и НАТО, рече Иванов.
Тој потсети на реализираните проекти со Владата, потенцирајќи дека се отворени 120.000 нови работни места во целата држава, а до крајот на годинава најави уште 10.000 нови работни места.
– Организирав бизнис форуми, носев странски инвеститори. Создавав заедно со Владата поволна бизнис-клима, рече Иванов.
Видливи, според него, се резултатите и во Кочани. До 2018 година компанијата „Амфенол“ ќе вработи 2.000 луѓе, австриски „Текспорт“ и холандска „Антура“ по 300 нови вработувања, а во „Џонсон контролс“ вработување најдоа 300 кочанчани.
– Направивме земјоделците да имаат достоен живот и повеќе од тоа. Обезбедивме субвенции во вредност од 530 милиони денари, а во кочанскиот крај ќе вложиме напори за искористување на енергијата, посебно на геотермалните води – рече кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Иванов посочи на изградбата на автопатската делница од Скопје до Штип, како и патниот правец од Штип до Кочани.
Од кочанчани тој ја побара довербата да гласаат за него и за коалицијата „За подобра Македонија“ зошто само така можат да се продолжат започнатите проекти.
Заменик-претседателот на Владата Владимир Пешевски истакна дека претседателот на државата е највисоката функција која постои и дека претседателот ја врши најголемата презентација на Македонија надвор од границите на културен, историски и економски план.
Зборувајќи за кандидатот Иванов, тој истакна дека мал е бројот на луѓето во македонската историја со срце, волја и пожртвуваност да ја вршат функцијата претседател.
– Ѓорѓе Иванов изминатите пет години покажа дека има и капацитет и волја и пожртвуваност со својот начин на работа да се вброи меѓу луѓето кои претходно ја вршеле оваа функција споменувајќи ги Никола Карев, Методи Андонов Ченто и Борис Трајковски кои целосно го посветиле животот за својата Македонија – рече Пешевски.
На вечерашниов митинг во Кочани свои обраќања имаа и Неждет Мустафа од Обединетата партија за еманципација на Ромите, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите, Тони Трајановски од Демократскиот и Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани