| четврток, 6 декември 2018 |

Кој е следен по Крим?

Од Украина до Велика Британија, сецесионистичките движења се шират низ цела Европа. Некои желби се поткрепени со поголема легитимност од другите, но сите се повикуваат на историските неправди што им биле направени и кои мора да бидат исправени

Референдумот со кој Крим донесе одлука да прогласи независност, а потоа и да побара спојување кон Руската Федерација, повторно го отвори прашањето кога е оправдано отцепувањето од суверена држава, а кога не. На оваа тема не постои меѓународен закон, но постојат добро воспоставени принципи во политичката теорија и практика. Првиот принцип е дали регионот има причина за отцепувањето поради страдање на малцинството и злоупотреба на човековите права, како на пример масовни убиства или депортација? Вториот принцип се однесува на уставното право за одржување референдум во само еден регион од државата, или за правото на самоопределување. Овој фактор има и поширок контекст, како на пример дали државните граници се вклопуваат со културните, јазични и историски фактори? На историјата во моментов се повикуваат повеќе сепаратистички движења, кои бараат исправање на историските неправди.

 

Svet81-2

И Приднестровие сака со Русија

Иако референдумот на Крим наиде на големи критики од Западот, позитивниот резултат и прифаќањето на барањето за соединување со Русија го окуражи руското малцинство од областа Приднестровие во Молдавија да го побара истото. Претседателот на Врховниот совет на овој регион, Михаил Бурла, побара од руската Дума, да разгледа закон со кој ќе се овозможи оваа покраина, што практично е отцепена од Молдавија, да се приклучи на Русија. Сепак, тешко дека покраината ќе успее во намерата затоа што Русија со тоа премногу би го навлекла гневот на Западот. Официјалното објаснување на Думата е дека за да се случи такво нешто, потребно е Приднестровие да одржи референдум во согласност со важечките закони во Молдавија, без разлика што тој регион има сопствени закони. Во 2007 година во покраината веќе имаше референдум на кој дури 97,2 проценти од граѓаните се изјаснилe дека се за приклучување кон Русија. Овој регион прогласи независност во септември 1990 година, малку пред распадот на СССР. Сега е дел од Молдавија и досега ниту една држава не ја признала нејзината независност.

 

Svet81-3

Венеција и Крим со иста цел во исто време

Во исто време додека светот со голем интерес ги чекаше резултатите од гласањето на Крим, не многу далеку оттаму се одржуваше референдум со слично прашање, но далеку очите на јавноста. Ретко кои светски медиуми јавија дека жителите на областа Венето се изјаснуваат за отцепување од Италија, со намера да ја продолжат својата 1.000-годишна традиција на суверена република. Иако до објавувањето на овој текст не се познати официјалните резултати, последните анкети пред референдумот, кој траеше од 16 до 21 март покажуваа дека 65 проценти од граѓаните на регионот Венето, во кој покрај Венеција спаѓаат и градовите Тревисо, Падова, Виченца и Верона, посакуваат независност. Кампањата беше инспирирана од примерот на Шкотска, која ја очекува референдум за независност од Велика Британија во септември, и од Каталонија, каде што повеќе од една половина од популација гласно кажува дека сака одвојување од Шпанија. Референдумското прашање на кое одговараат гласачите од овој дел на Италија е „Дали поддржувате создавање независна, суверена и федеративна Република Венеција?“ Сепак, граѓаните, исто така, ќе треба да изразат став и за прашањето „Дали Република Венеција треба да остане дел од Европската унија и од НАТО?“

Референдумот што се одвива преку интернет не само што не е медиумски покриен во Европа, туку и во самата Италија. Сепак, организаторите очекуваат масовен одѕив, поголем од 50 проценти. Резултатите од референдумот не се облигаторни, но локалните власти позитивниот резултат ќе го сметаат како поттик да изгласаат декларација за независност.

– Ако мнозинството гласа „за“, ќе донесеме декларација за независност. Во исто време, бизнисмени во регионот најавуваат дека даноците ќе почнат да ги плаќаат на локалните власти место во Рим – изјави портпаролот на движењето за независност на регионот Венето, Лодовик Пизати.

Венето е една од најбогатите провинции во Италија, со популација од пет милиони жители, од кои 3,8 милиони со право на глас. Една од главните причини за референдумот е незадоволството од „тешките“ даноци што ги наложија италијанските власти поради економската криза.

– Сакаме да ги задржиме економските врски со Италија. Но од фискална гледна точка постои голем јаз меѓу парите што ги плаќаме за даноци и услугите што ги добиваме како јавен сервис. Зборуваме за разлика од 20 милијарди евра – вели Пизати.

Венеција беше независна трговска моќ цел еден милениум пред да биде покорена од Наполеон во 1797 година. Потоа стана дел од Австро-Унгарската Империја. Остана под контрола на Австрија се до 1866 година, кога беше отстапена на Кралството Италија во замена за помошта што Италија ѝ ја дала на Австрија за време на Австриско-пруската војна.

 

Svet81-4

Шкотска ќе решава во септември

За шест месеци на испит ќе биде ставена и волјата на Шкотите, кои ќе се изјаснуваат дали сакаат да излезат од Велика Британија. Пет милиони жители на Шкотска ќе треба јасно да кажат „да“ или „не“ за прогласување независна држава. Иницијаторот на референдумот, Шкотската национална партија, води постојана кампања за осамостојување на земјата, но ќе мора многу да се потруди да го убеди народот да гласа „за“ затоа што со децении наназад поддршката кај граѓаните се движи околу 30 проценти. Процентот на поддршка во последните месеци расте, но сметките дополнително им ги поматуваат претставниците од ЕУ, кои им порачуваат на граѓаните на Шкотска дека во случај земјата да се отцепи од Велика Британија ќе биде „многу тешко, речиси невозможно“ новата држава да остане во Унијата. Тоа претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, го објаснува со стравот кај дел од членките, кои за да ги заштитат своите автономни области речиси сигурно ќе употребеле вето при евентуалното барање за членство во ЕУ.

Според Баросо, една од земјите што прва би застанала на патот на Шкотска е токму Шпанија.

– Видовме дека Шпанија се противеше дури и на признавањето на Косово, што за некои е сличен случај затоа што станува збор за нова држава… – вели Баросо.

Шпанија, пак, иако има слични проблеми со својата покраина Каталонија, сепак овие два случаја, официјално, ги смета како фундаментално различни.

 

Svet81-5

Крим ја искомпликува ситуацијата и во Шпанија

Ситуацијата во оваа земја дополнително се искомпликува по случувањата на Крим, но во владата на премиерот Мариано Рахој никој јавно не признава дека позитивниот резултат од референдумот на Крим претставува дополнителен ветар во едрата на претседателот на Каталонија Артур Мас. Рахој веќе јавно соопшти дека тој нема да биде премиерот што кажал „да“ за нелегалниот референдум, кој ќе им даде неуставно право на Каталонците да станат независна држава.

Атмосферата за отцепување на Каталонија од Шпанија се подгрева уште од 2008 година, по почетокот на светската економска криза. Овој регион со 7,5 милиони жители покрива една петтина од извозот на земјата и една четвртина од даноците, а богатите Каталонци не сакаат повеќе да ги покриваат дупките на посиромашните региони во Шпанија. Анкетите покажуваат дека дури 50 проценти од Каталонците поддржуваат независност, а повеќе од 80 проценти сакаат да добијат шанса да се изјаснат за ова прашање.

Дали Каталонија ќе го одржи референдумот закажан за 9 ноември годинава или, пак, директно ќе прогласи независност, останува да видиме, но сигурно е дека ситуацијата во овој регион во Шпанија е уште понапната по настаните во Украина.

 

(Пишува: Ненад Мирчевски
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top