Победничката на втората сезона на „Танц со ѕвездите“, каратистката Наташа Илиевска, утрово сѐ уште беше под импресии од синоќешната победа во шоуто.
– Ги оставив и срцето и душата на подиумот. Се чувствував како кога го освоив златниот медал на Европското првенство во карате – раскажува емотивно Наташа.
Тоа што по вторпат победник на „Танц со ѕвездите“ е спортист, најверојатно, се должи на дисциплината, имајќи предвид дека таа почнала да вежба карате во далечната 1992 година.
Со нејзиниот партнер Даниел Кимовски секој танц го повторувале дури 150 пати за секоја емисија.
– Навистина сум им благодарен на „Дрим фактори“ што ми ја доделија токму Наташа како партнерка. Имаме сличен карактер, многу заеднички работи, па навистина имавме одлична атмосфера и забава додека се подготвувавме. Се согласувавме во сѐ – вели Даниел.
И двајцата се пресреќни што победија. Според нив, англискиот валцер кој го расплака Васил Зафирчев е само еден од танците по кои ќе бидат запаметени.
– Му благодарам на Васил за таа реакција. Како човек, тој гест од жирито, првпат сите да станат и да ракоплескаат, ќе го паметам дури сум жива. Тоа беше еден од танците по кои публиката нѐ забележи. Сепак, имавме и многу други исклучителни настапи, танго, пасо добле… Навистина се трудев да стигнам до тука – вели Наташа.
Најдобрата македонска каратистка лани го остави каратето засекогаш. Таа сега го подготвува магистерскиот труд на Електротехничкиот факултет и потоа ќе ѝ се посвети на таа професија.
– Последнава година толку ми недостигаше тој адреналин, таа возбуда која ја носи натпреварувањето и сето тоа се покажа во „Танцот со ѕвездите“. Јас бев желна да се трудам, да се покажам и докажам, и благодарна сум што имав таква прилика – вели Наташа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.