| четврток, 6 декември 2018 |

Наташа Илиевска: Ми недостигаше да се докажувам и покажувам

Победничката на втората сезона на „Танц со ѕвездите“, каратистката Наташа Илиевска, утрово сѐ уште беше под импресии од синоќешната победа во шоуто.

Ги оставив и срцето и душата на подиумот. Се чувствував како кога го освоив златниот медал на Европското првенство во карате – раскажува емотивно Наташа.

Тоа што по вторпат победник на „Танц со ѕвездите“ е спортист, најверојатно, се должи на дисциплината, имајќи предвид дека таа почнала да вежба карате во далечната 1992 година.

Со нејзиниот партнер Даниел Кимовски секој танц го повторувале дури 150 пати за секоја емисија.

Навистина сум им благодарен на „Дрим фактори“ што ми ја доделија токму Наташа како партнерка. Имаме сличен карактер, многу заеднички работи, па навистина имавме одлична атмосфера и забава додека се подготвувавме. Се согласувавме во сѐ – вели Даниел.

И двајцата се пресреќни што победија. Според нив, англискиот валцер кој го расплака Васил Зафирчев е само еден од танците по кои ќе бидат запаметени.

Му благодарам на Васил за таа реакција. Како човек, тој гест од жирито, првпат сите да станат и да ракоплескаат, ќе го паметам дури сум жива. Тоа беше еден од танците по кои публиката нѐ забележи. Сепак, имавме и многу други исклучителни настапи, танго, пасо добле… Навистина се трудев да стигнам до тука – вели Наташа.

Најдобрата македонска каратистка лани го остави каратето засекогаш. Таа сега го подготвува магистерскиот труд на Електротехничкиот факултет и потоа ќе ѝ се посвети на таа професија.

Последнава година толку ми недостигаше тој адреналин, таа возбуда која ја носи натпреварувањето и сето тоа се покажа во „Танцот со ѕвездите“. Јас бев желна да се трудам, да се покажам и докажам, и благодарна сум што имав таква прилика – вели Наташа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top