| четврток, 6 декември 2018 |

Театрите и „Танец“ ќе донираат за обновување на конаците на манастриот Трескавец

Актерите во македонските театри се обединија во желбата да помогнат во обновување на изгорените конаци во прилепскиот манастир „Трескавец“. Претставници на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, Театар Комедија, Театар за деца и младинци, театрите во Штип, Битола и Прилеп, како и Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ соопштија дека приходите од нивни претстави кои ќе се играат во следните денови ќе се донираат за обновување на конаците во „Трескавец“. Станува збор за претставите „Женидба“, „Декамерон“, „Грев или шприцер“, „Хенри Шести“, „Многу врева за ништо“, „Ноќите во бел сатен“, а „Танец“ веќе го закажал својот концерт на 22 февруари во домот на културата во Прилеп „Марко Цепенков“. На хуманитарниот концерт на „Танец“ чии приходи исто така ќе бидат наменети за реконструкција на опожарените конаци гости ќе бидат Блага Петрска и Сузана Спасовска.

– Актерите ќе се откажат од хонорарите од претставата во која ќе играат. Сите пари кои ќе бидат собрани од продадените влезници ќе бидат уплатени на жиро-сметката за обнова на Трескавец. Важно е да се испрати порака дека треба да се обединиме и да бидеме заедно. Ако е потребно, ќе организираме уште вакви акции – изјави Дејан Лилиќ, директорот на МНТ.

Зоран Џорлев, директорот на „Танец“ најави напролет и концерт во „Трескавец“ , во манастирот, кога и патот дотаму ќе биде готов.

– Многумина се јавија да помогнат на секаков начин. На сите сме им благодарни. Оваа  акција е акција на граѓаните во соработка со актерите – изјави Марјан Ристески, градоначалникот на Прилеп.

Пред десетина дена во пожар беа пеполасни конаците во манастирскиот компелкс. Комплексот е од 13 век, а досега преживеал две големи огнени стихии.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top