| четврток, 6 декември 2018 |

Фил Џексон во Њујорк, опасно е за Перо Антиќ и Атланта хоукс

Легендарниот тренер на Чикаго булс и на Лос Анџелес лејкерс, Фил Џексон, и неговото именување за главен човек за кошаркарски операции во Њујорк никс претставуваат закана за плејоф-амбиците на Атланта хоукс и нашиот Перо Антиќ. Џексон посакува деби на новата функција со настап во доигрувањето во НБА, а моментно Њујорк е на деветтата позиција во источната конференција, веднаш зад Хоукс. Првите 8 екипи од двете конференции ќе се борат за титулата во НБА.

Атланта има биланс од 31 победа и 35 порази и уште 16 натпревари до крајот на регуларниот дел во најсилната лига на планетата. Њујорк е зад нив со скор 28-40, но сега, покрај извонредниот Кармело Ентони, на паркетот има голем адут и со доаѓањето на Фил Џексон во раководните структури на клубот.

Интересно е што и двете екипи се во победнички ритам, со серии од 5 победи (Атланта) и од 7 триумфи (Њујорк), а предноста на Хоукс е солидна. Пред нив е Шарлот бобкетс  (33-36) на легендарниот Мајкл Џордан, зад нив е Њујорк засилен со Фил Џексон, што ја прави трката за две од трите последни позиции за плејофот суперинтересна на Истокот од НБА.

Проблем за „јастребите“ од Атланта според добрите познавачи на НБА-лигата е огромното реноме на Џексон и начинот на кој функционира ова натпреварување. Враќањето на Џексон во лигата, откако се пензионира како тренер, сигурно ќе сакаат да го искористат челниците на НБА за да се анимира публиката и да се зголеми интересот.

Џексон е мошне успешна приказна во НБА, освои дури 11 титули со Чикаго и со Лејкерс, а токму на такви стории се темели развојот и успехот на најценетата кошаркарска лига на планетата.

Порано огромно внимание привлекуваше ривалитетот меѓу Бостон селтикс и Лос Анџелес лејкерс, потоа се судрија мегаѕвездите Меџик Џонсон и Лери Бирд, во еден период фама правеа лошите момчиња од Детроит со Ајзеа Томас и Денис Родман, па пристигна летечкиот Мајкл Џордан, а во новата ера тука се суперѕвездите од калибарот на Леброн Џејмс, Коби Брајант, Кевин Дурент, Двајт Хауард….

На НБА секогаш ѝ требале големи ривалства меѓу играчите или клубовите, прав се кревал околу големите ѕвезди, а Фил Џексон ја има магијата. Привлекува публика, знае да комуницира со публиката и со кошаркарите и е вистински симбол за успех. Такви профили на луѓе секогаш ѝ требале на НБА-лигата, што е голем адут за Никс во битката за пласман во плејофот.

Сепак, Антиќ и Атланта имаат одлична позиција во финишот на регуларниот дел, моментно се со 5 порази помалку од Њујорк и сами си ја кројат судбината за настап во плејофот.

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top