| четврток, 6 декември 2018 |

Годинава уште 5.500 пензионери на бесплатна бања

katlanovska

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска ги посети пензионерите во Катлановска бања кои ја користат бесплатната услуга за бањско- климатска рекреација што им ја овозможува државата.

– Годинава планираме да опфатиме бројка од околу 5.500 пензионери коишто ќе ја искористат оваа бесплатна услуга, што се состои од шест полни пансиони, бесплатен превоз, здравствени прегледи и бањски третмани. Особено е важно што пензионерите кои досега ја користеа оваа услуга и пензионерите со кои денеска остварив средба се навистина задоволни од реализацијата на овој проект, но, исто така, и од условите кои ги нудат бањите во Република Македонија за нив – изјави министерот Спасов.

Со овој проект во текот на изминатите години во кои тој се реализира се опфатени над 22.000 пензонери.

– Ќе продолжиме во континуитет да го реализираме овој проект и во наредните години, со оглед на тоа што тој е успешен, интересот е голем и корисниците се задоволни од него. Интересот на пензионерите за овој проект годинава беше исклучително голем. На јавниот повик кој што го објавивме аплицираа повеќе од 20.000 пензионери – рече министерот за труд и социјална политика.

Тој најави дека покрај продололжувањето на овој проект, Владата ќе продолжи и со реализација на други слични проекти со цел континуирано подобрување на условите за живот на пензионерите.

– Ќе продолжиме и натаму со реализација на овој и слични проекти со кои се подобрува социјалнот живот на пензионерите, нивното здравје и се подобруваат воопшто условите за живот. Верувам дека заедно со зголемувањето на пензиите, кое што е значително и е направено изминатите години, и ваквите проекти придонесуваат за подобрување на стандардот на пензионерите во Република Македонија – истакна министерот Спасов.

Посетата на пензионерите во Катлановска бања министерот Спасов ја искористи да поразговара со нив, да ги слушне нивните размислувања дали се задоволни од проектот, како и да руча заедно со нив.

Пензионерите кои се сместени во Катлановска бања посочија дека се задоволни од условите, некои од нив никогаш не можеле да си дозволат да посетат некоја бања. Изразија надеж дека проектот ќе продолжи и во иднина и оти уште поголем број од нив ќе можат да ја искористат оваа бесплатна услуга.

Услугата пензионерите освен во Катлановска бања можат да ја користат и во Дебарската бања, Бања Банско во Струмица и Негорци во Гевгелија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top