| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ ја претстави првата научна монографија за Македонија

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје и Амбасадата на СР Германија во Скопје, организираа промоција на книгата „Македонија – предел и култура на живеење“ од Леонард Шулце Јена, во превод од германски јазик на Слободанка Поповска.

Промоцијата ќе се одржи денеска напладне, во Германската читалница при НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. За книгата ќе зборуваат: проф. д-р Волф Ошлис, славист и македонист од Германија, проф. д-р Зоран Тодоровски, г-ѓа Гудрун Штајнакер, амбасадорка на СР Германија во Македонија и Нове Цветаноски

Оваа книга, која првпат е објавена во 1927 година, се смета за првата научна монографија за Македонија и сега првпат е преведена и публикувана на македонски јазик во издание на „Македоника“. Книгата содржи близу 150 фотографии, графикони и карти, меѓу кои и голема карта на која Леонард Шулце Јена ги утврдил границите на Македонија.

Германскиот научник Леонард Шулце Јена (1872-1955) е најтемелниот истражувач на Македонија во првите децении на 20 век, а неговата книга претставува најдеталната книга досега напишана од странец за Македонија. Таа е првата вистинска научна монографија за Македонија, која пак е проучена од повеќе аспекти во својата географска и национална целина. Иако ја истражувал по нејзината поделба (во 1917, 1918 и во 1922 година), Шулце Јена ја третира Македонија исклучиво како природна и национална целина. Ја проучува во географска, геолошка, етнографска, етнолошка и стопанска смисла. Настапува и како етнолингвист, истражувајќи ја компаративно македонската лексика, а како картограф изработува географска карта на Македонија, аргументирано утврдувајќи ги нејзините граници. Се претставува и како врвен етнограф, зоолог, антрополог… „Кога расправа за долини и планински масиви, тој е целосно географ; штом се работи за растенија и за животни, тогаш тој настапува како зоолог и ботаничар, или како етнограф кога опишува куќи и носии, или како историчар којшто посветено се занимава со историјата на Балканот и на Македонија. И се јавува уште во неколку слични улоги. Последните 25 страници на неговата книга се посветени на сообраќајот во Македонија, од најраните времиња дури до современоста. Сето тоа е мошне занимливо и го објаснува успехот на книгата којашто до ден-денес не е заборавена, зашто книгата содржи и една вистинска светска премиера – таа е и првиот речник на македон­скиот јазик напишан врз основа на сопствени истражувања од германскиот на­уч­ник Леонард Шулце Јена“, пишува проф. д-р Волф Ошлис во предговорот на книгата.

„Шулце Јена (1872-1955) студирал медицина, доктори­рал зоологија, предавал гео­гра­фија, се се интересирал и ја истражувал етно­ло­гијата, а ја создал етнолин­гвистика. Официјално тој бил професор по ге­ографија на универзитетите во Јена, Кил и во Марбург (таму нај­дол­го време работел, од 1913 до 1937 година.) Тој водел големи меѓуна­родни истражувачки експедиции низ Африка, Јужна Америка, напишал бри­ли­јантни книги, богати со материјали и илу­с­трирани со сопствени слики и цр­те­жи, притоа воздр­жан со свои заклучоци.“

Леонард Шулце Јена бил еден од најзначајните членови на таканаречената `Македонска земска комисија`, формирана од Германија и составена од 30 германски и шестмина бугарски научници, кои во текот на Првата светска војна ја проучувале Македонија од повеќе аспекти, како дотогаш најмалку позната територија за Германците, па и за Европа. Комисијата била составена од врвни научници од различни области – археолози, географи, зоолози, геолози, метеоролози, етнолози, етнолингвисти, фолклористи, историчари на уметноста… Формирана била по налог на германското министерство за надворешни работи и било планирано од собраните материјали да се публикува енциклопедија за Македонија, која не била реализирана поради поразот на Германија во војната. Но голем дел од научните резултати се објавени во посебни книги, од кои најзначајни и најбогати со сознанија и податоци се книгите на Леонард Шулце Јена и Франц Дофлајн. Книгата на Франц Дофлајн, со наслов „Македонија“ (која е прилично обемна и содржи 296 фотографии, цртежи и карти) првпат првпат на германски јазик е објавена во 1921 година, а на македонски јазик во 2010 година, во издание на „Македонска реч“.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top