| четврток, 6 декември 2018 |

НАСА: Наскоро ќе исчезнеме од земјата

Исто како Римското царство и цивилизацијата на Маите, модерниот, индустриски свет како што денес го познаваме би можел исто така да исчезне, сметаат во Центарот за вселенски летови Годард на Американската свемирска агенција (НАСА).

Во студијата се истакнува дека предупредувањата за колапсот се доживуваат како контроверзни, а преку неа се обидува да се објасни дека според историските податоци, очигледно е дека процесот на раст и колапс е круг што редовно се повторува.

Истражувачкиот проект е базиран врз новиот мултидисциплинарен метод Хенди (Human and Nature Dynamical), кој го предводи математичарот Сафа Мотешари во соработка со природни и општествени научници.

Според историските записи, дури и напредните, комплексни и креативни цивилизации се подложни на колапс, поради што се става прашалник на одржливоста на современата цивилизација, пишува „Индипендент“.

Факторите што ја објаснуваат пропаста на цивилизациите и кои би можеле да го одредат ризикот од колапс на современата цивилизација се популацијата, климата, водата, земјоделството и енергијата. Тие можат да доведат до колапс кога се скапи и генерираат две клучни општествени точки: „растегнување“ на ресурсите поради напрегање на еколошките капацитети и економскатата стратификација на општеството на елита (богати) и маса (сиромашни).

Овие историски феномени ја играле главната улога во процесите на колапс во последните пет илјади години.

Во моментов нивото на економска стратификација е исклучително високо и е поврзано со преголемата консумација на ресурсите, а елитите главно се наоѓаат во индустриски развиените земји. Потребно е итно да се реши економската нееднаквост за да се обезбеди праведна дистрибуција на ресурсите, а нивната консумација треба драстично да се намали.

Ова е повик за будење до владите, корпорациите и консументите, порачува НАСА, и истакнува дека структурните промени мора да се случат веднаш.

Ова не е првпат научниците да се обидат да предупредат на потенцијална глобална катастрофа.

Минатата година Стивен Хокинг и голем број научници од Велика Британија направија таканаречена „апокалиптична листа“, на која се наоѓаа сите катастрофални настани што би можеле да го уништат светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top