Кафето е интересно средство за создавање уметност. Американската двојка Енди и Ангела веќе неколку години цртаат со кафе и имаат изработено стотици оригинални дела.
Љубопитните луѓе често ја гледаат нивната работа и се изненадени од сликите, кои се целосно изработени од чисто кафе. Многумина од нив ги интересира како ја постигнуваат темната боја, која, сепак, останува специјален процес и тајна формула за успехот.
Од неодамна и кај нас се појави млад уметник што изработува слики со кафе. Драганчо Божинов од Кавадарци има 20 години и е студент на ФОН на насоката дизајн и мултимедија. Тој е млад уметник за кого кафето е многу повеќе од секојдневен ритуал. Тој го претвора кафето во уметност и со тоа создава уникатни дела пред кои никој не може да остане рамнодушен. Во пресрет на неговата најава за изложба во Скопје, Струмица, Охрид и во уште неколку градови во Македонија разговаравме со него, за неговите почетоци, идни планови и за уникатноста на неговите дела изработени со кафе.
– Идејата ми дојде сосема случајно. Се подготвував да одам на факултет и утринското кафе што го пијам во мојата соба ми се истури врз листовите, кои постојано стојат на масата на која цртам. Го оставив да се исуши бидејќи брзав. Кога се вратив видов дека истурената течност направила своја форма, личеше на портрет и ми изгледаше многу интересно – раскажува Драганчо.
И така постојано трагал по некоја техника на сликање што ќе го издвојува од другите уметници, па овој настан му го променил животот.
– Веднаш добив идеја да почнам да цртам со талог од кафе и ја откажав изложбата што дотогаш ја подготвував. Сѐ додека не се истури кафето цртав апстракции и тоа ќе беше и темата на изложбата што ја подготвував, но од тој момент сѐ се измени – вели Божинов.

Како и секој почеток, и ова одело тешко. Почнал да слика со талогот од кафето што го пиеле дома, но наишол на првите проблеми.
– Пробав да цртам со кафе три-четири пати, но кафето откако ќе се исуши паѓаше не се задржуваше на хартијата и имав проблеми, но набргу додадов одредени состојки за да го подобрам составот на кафето и за цртежот да се фиксира – вели Драганчо.
Сега веќе го подобрил составот на талогот со кој слика бидејќи увидел што му недостига, но сѐ уште не ја открива тајната.
– Кафето со кое сликам се вари со шеќер и толку ќе ви откријам, другото е тајна – вели Драганчо. – Повеќе не откривам бидејќи во моментов работам на доусовршување на талогот бидејќи ми недостига сјајност на бојата, ама и тоа наскоро ќе го средам.
За да се изработи една слика потребно е многу кафе.
– Трошам по 200-300 грама кафе, во зависност од големината на сликата. Зависи од тоа каква слика изработувам и колку кафе ќе ми биде потребно за потемните слоеви. Досега го собирав талогот од кафето што го пиеме дома, но како што почнав повеќе да сликам почнаа да се зголемуваат и потребите од талог, така што сега варам во тенџере – објаснува Драганчо.
Отсекогаш цртал. Откако знае за себе прави скици за цртежи, неговиот дом е излепен со неговите дела… работи на терасата, која во моментов е негово ателје, но се надева дека еден ден ќе стане голем уметник и ќе има сопствено ателје. Портрет на Тоше, карикатури на Бред Пит и на Анџелина Џоли, принцезите на Дизни, но и портрети на пријатели, роднини, како и апстрактни дела ви го одземаат вниманието кога ќе влезете во неговиот дом.
– Уште од мал постојано си играв со четки, бои и со моливи, но со „кафе-техника“ се занимавам од крајот на минатата година. Досега имам изработено 15-20 дела. Најмногу инспирација црпам од музиката и од животот и досега имам насликано многу дела на различни теми. Цртам сѐ што доживувам! Портретите што се нацртани се најчесто на мои познајници, пријатели, фиктивни и имагинарни луѓе и слично. Решив да го нацртам Тоше Проески, кој ми беше омилен пејач. Многу го почитувам него и неговата музика, која ја слушам до ден денес, па затоа решив тој портрет да го подарам во неговата спомен-куќа во Крушево – вели Божинов.

Минатата година неговите акварели учествувале на групна изложба во Њујорк. Сега се подготвува за голема изложба во Македонија, а во преговори е и со неколку галерии во Берлин и во Каиро, каде што ќе ги претстави делата насликани со кафе.
– За меѓународната изложба што се одржа во Њујорк минатата година беа избрани три мои дела. Аплицирав со пет дела на инсистирање на сестра ми, која тогаш живееше во САД. Од нив три беа избрани и многу сум среќен што бев дел од уметниците, чиишто дела можеа да се видат во еден космополитски милионски град каков што е Њујорк – смета Драганчо.
Но, подготвува изложби во Скопје и во неколку други градови низ Македонија.
– Кон крајот на март или почетокот на април планирам да се одржи изложбата во Скопје. Во тек се преговорите со „Мала станица“, МКЦ и уште неколку галерии. Засега идејата ми е да изложам четириесетина слики, но не знам дали ќе успеам дотогаш да ги завршам – вели Драганчо.
Сепак, факултетот му останува на прво место.
– Иако имам многу планови за во иднина, се разбира приоритет ми е факултетот! Сакам прво да го завршам образованието овде. Потоа ќе направам мала пауза, која ќе ја искористам за изработка на нови дела и изложби, а сѐ уште размислувам каде да продолжам , а останува уште малку време за размислување. Но, најверојатно, ќе биде Франција или Италија. Потоа би сакал да се запишам на постдипломски студии во САД и нормално да ја претставам нашата земја во најдобро светло и со добри дела!
(Пишува: Невена Поповска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 79. број на неделникот „Република“, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


