Пожар ја пеплоса фабриката за мебел „Современ дом” во Радовиш, а предизвиканата штета според сопственикот, Баже Јованов, изнесува над половина милион евра, пренесува штипската ТВ „Ирис“.
Јованов во својот семеен бизнис вложил сѐ што имал, а огнената стихија, како што вели, за само неколку минути го уништила.
Пожарот избувнал вчера во раните утринските часови, а го забележале Јованов и неговите деца.
– Избувна околу 2.30 часот, кога веднаш реагиравме јас и децата, моите синови. Со огнот се боревме скоро 40 до 45 минути, сѐ додека не зазеде поголеми размери, после тоа не можевме и се откажавме. Противпожарната екипа беше известена првично некаде после околу 2:30 часот, а на лице место пристигнаа некаде околу 3Ч10 часот, значи со задоцнување некаде околу 40 минути, да дојдеа пет минути порано ќе беше сѐ решено, сѐ завршено и ќе имаше многу минимално последици – вели Јованов.
Во фабриката за мебел „Современ дом” во Радовиш вработени се околу 30 работници, дел од производството се извезува, а останатиот дел се пласира на домашниот пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.