| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов се напи чај во охридски „Мејдан“

Средба со мештаните од населбата Далјан  во чајџилницата „Мејдан“, посета на Зејнел Абидин Паша теќето, разговор со Охриѓани во стариот дел на градот и средба со културните работници. Ова се дел од денешните активности на претседателот Иванов во рамки на посетата на Охрид.

Претходно, претседателот Иванов ја посети црквата „Света Софија“, каде под негово покровителство се одржа промоција на книгата „Прогласот“ од Константин Филозоф – Св. Кирил, а во чест на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Република Словачка.

Со оглед на тоа дека Охрид е една од најпосетените туристички дестинации во Република Македонија, на средбата со претседателот Иванов граѓаните на Охрид се согласија дека на градот му се потребни постојани инвестиции за неговото уредување и модернизирање. Во таа насока, беа поздравени тековните и планираните проекти на локалната самоуправа, и особено задоволство беше изразено од започната изградба на автопатот Кичево-Охрид.

Жителите на Охрид ја поздравија континуираната поддршка од страна на Владата за развој на туризмот во овој регион, и притоа разменија мислење околу можностите за унапредување на туристичкиот развој на Охрид и целосно искористување на потенцијалите кои ги нуди Охридското Езеро. Во таа насока беа посочени туристички развојни зони на крајбрежјето на Охридското езеро, чии урбанистички планови  се веќе изработени.

Во Домот на културата Иванов се сретнал и со културните работници од Охрид, кои го информираа за тековните активности поврзани со организирањето на културните манифестации кои традиционално се одржуваат во Охрид, и воедно изразија благодарност до Претседателот  за неговото покровителство на манифестацијата „Охридско лето“ како и за поддршката на Меѓународениот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Македонскиот претседател истакнал дека и во иднина сестрано ќе ја поддржува промоцијата и афирмацијата на македонската култура, бидејќи преку неа се изразува духовноста и креативноста, но се отсликува и наследството и традицијата  на нашиот народ.

Во рамки на посетата на охридскиот регион, Иванов ги посети селата Пештани, Велгошти и Лескоец.

Денешната посета на овој крај Иванов  ја заокружи со посета на Ресен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top