| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров: Реализиравме 69 проекти кои воопшто не беа дел од програмата

nikola-todorov500

Министерот за здравство Никола Тодоров за време на вчерашното гостување во вестите на ТВ „Алфа“ посочи дека во делот на здравството се релизирани 69 проекти кои не биле дел од програмата.

– Тоа е практично како да сме реализирале уште една програма. Имаме два проекти кои што беа во програмата, а кои што не успеавме да ги реализираме, и сето ова за период од 3 години, имајќи предвид дека ова се предвреме распишани избори и на тој начин практично се скрати времето во кое можевме и требаше да ги реализираме овие проекти, кои што сме ги ветиле – рече Тодоров.

Тој нагласи и дека 40 проекти се во тек на реализација, и дека најголемите проекти допрва следуваат.

– Ние ветивме дека ќе набавиме нови амбулантни возила, ветивме дека ќе набавиме најмалку 50, а набавивме 70 возила и тие се ставени во функција на целиот здравствен систем. Од друга страна не ветивме дека ќе направиме гасификација на Клиничкиот центар,  но направивме гасификација, не ветивме отворање на неонатална кардиохирургија за бебиња и за педијатриски случаи, а го отпочнавме овој проект, отворивме државна кардиохирургија, каде што во наредните неколку недели ќе се направи првата интервенција, ветивме намалување на цените на лековите тоа го направивме четири пати до сега на над 2.800 лекови, се намалија цените а исто така оваа недела очекуваме да биде и петтото намалување на лековите – истакна Тодоров.

Тој посочи дека во минатиот период имаше еден многу силен инвестициски циклус во здравствената инфраструктура, но и дека наредниот период ќе следи најголемиот инвестициски циклус, а тоа е изградбата на Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип.

– Тоа ќе биде зграда од 61.5 илјади метри квадратни, а ќе се гради и новата Клиничка болница во Штип, градежните активности во Скопје се веќе започнати, а распишани се тендерите и за едното и за другото – рече Тодоров, додавајќи дека Клиничкиот центар во Скопје чини околу 70 милиони евра само градежните активности на новиот објект и реконструкција на постојната зграда на хирургијата, а околу 30 милиони евра, нагласи, ќе чини изградбата на Клиничката болница во Штип.

Министерот Тодоров зборуваше и за вакцините, нагласувајќи ја важноста од вакцинацијата кај децата.

-Вакцините во Македонија се безбедни, Македонија има многу кредибилен и добро поставен систем за имунизација кој  до ден денешен функционира одлично. Имаме 95 проценти опфат на вакцинацијата во Македонија, мислам дека овој сегмент на имунизација е сегмент кој не смееме да дозволиме во ниту еден момент да биде нарушен – посочи тој.

Истакна и дека вакцините се набавени од најдобрите врвни производители, и  дека еден од условите на тендерот кој што го распишува Министерство е вакцините кои што се продаваат во Македонија да бидат во употреба во земјата каде што се произведуваат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top