Од автомобил произведен во 1966 година да создадеш возило што секого ќе го остава без здив. Тоа му успеа на струмичанецот Дејан Карадаковски, кој подарокот за 18. роденден го претвори во богатство.
– „Бубата“ најпрво му припаѓала на мојот дедо. Тој ја купил во 1973 година и ја возел неколку години. Од 1979 година ја возел татко ми и како секојдневно фамилијарно возило е користена сѐ до 1994 година. Мојот дедо, пак, го користеше автомобилот до 2000 година. Јас ја имам од 2005 година, како подарок за мојот 18. роденден. Но, првото возење со „бубата“ го направив пред речиси две години кога реставрацијата беше завршена. Реставрацијата траеше цели две години. Во мај 2012 година беше готова – раскажува Дејан.
Го прашавме Дејан зошто баш „буба“, а тој вели дека немал некој голем избор, но и да имал, пак ќе одберел „буба“.
– Има нешто во тоа возило, самиот безвременски лик, со овални форми и со чисти површини, сѐ уште е многу атрактивен, приказна сам за себе. А оваа „буба“ ми е многу драга, пред сѐ поради спомените што ме врзуваат за неа бидејќи ни беше семеен автомобил додека бев дете – одговара тој.
Најтешкото прашање за Дејан е колку пари вложил за реставрирање на „бубата“. Вели дека тоа прашање му е најчесто поставувано, но и најтешко.
– Искрено, точната бројка на вложени средства не ја знам и јас самиот до ден-денес, и сѐ уште, секојдневно, се вложува во возилото. Но, севкупно, би рекол пари колку за едно мало градско возило купено од салон – вели Дејан.
На почетокот кога се решил да го реставрира возилото, имал проблем со наоѓање делови. Но, подоцна, ги открил сите канали и компании што се занимаваат со трговија на делови за „буба“. Набавката одела лесно, но и лесно се трошеле парите со оглед дека самата поштарина и царина ја зголемувале вредноста на секој дел што е нарачан преку интернет.
– Конкретно, за „бубата“ и за сите други возила на воздушно ладење произведени од „Фолксваген“ има делови, но се доста скапи. Нарачував од секаде, буквално. Од Германија, Америка, Бразил, Мексико, Холандија. Лично сум купувал делови од Љубљана и од Белград. Имаше случај кога специјално отпатував до Белград за набавка на одреден дел зашто бев нестрплив да чекам да пристигне по пошта – раскажува Дејан, кој минатиот викенд на изложбата на олдтајмери во Струмица ја зеде наградата за најдобро реставриран автомобил.
Возило што ги собира сите награди
Карадаковски не бил главниот мајстор во реставрирањето на старото семејно возило. Но, вели дека бил добар помошник во целокупниот процес. Најголем удел имал во завршното склопување на возилото.
– Сите подготовки и боењето беа изведени од незаменливиот мајстор Симе од Градско Балдовци, Струмичко, кој е и мој многу добар пријател. Му благодарам и честитам за прекрасната работа. Ентериерот е дело на, како што јас го нарекувам, маестро Славче, кој е многу добро познат кај сите вљубеници во автомобилите преку неговата прекрасна работа. Да не беа тие двајца, немаше да биде ништо од оваа „буба“ – продолжува со својата приказна Дејан, кој отсекогаш бил голем вљубеник во автомобилите.
Вели олдтајмерите го привлекуваат најмногу. Пред да има еден таков, само знаел кој автомобил каков е, од која година е. Сега кога има свој, нема музеј за олдтајмери на Балканот што не го посетил или група или некоја страница на социјалните мрежи каде што не е член. Има во план да набави уште едно возило, но, како што вели, доколу се склопат сите коцки.
– Не знам зошто не сум имал среќа да имам некое поевтино хоби. Веќе таквите возила се доста ретки и цената секојдневно им расте. Знаете која е најточната дефиниција за олдтајмер досега? Олдтајмер е возило што секој сака да го има, ама никому не му се даваат пари за него – се смее Карадаковски.
Тој својот олдтајмер досега го нема изложувано надвор од државата. Но, во мај планира, заедно со својот пријател Александар од Кочани, сопственик на „буба“ која, исто така, беше изложена минатиот викенд во Струмица, да оди во Белград, каде што се одржува најголемиот собир на „буби“ на Балканот. Веќе во јули планира да замине на собир во Златибор. Домашните награди ги собра, на ред се тие надвор од нашите граници.
– Првата награда што ја имам освоено со „бубата“ е од Битола. Тоа беше собир организиран од клубот „Ретрофрикс“ од Битола во јуни 2013 година. Таму добив награда за најпопуларно возило на изложбата. На јубилејниот собир на олдтајмери во Неготино, кој се одржа за празникот на градот, на 8 ноември 2013, „бубата“ беше избрана за најдобро реставрирано возило на изложбата. И на последниот собир од таков вид, во Струмица во склоп на карневалот на 1 март, како најдобро возило на изложбата беше избрана црвената „буба“. Сега-засега наградите се тие, благодарници и пофалници има многу, и се надевам дека во иднина ќе се множат.
Уживањето е во 80 километри на час
– Целокупната моторизација и механика на возилото е стандардна, како што е конструирана од Фердинанд Порше. Моторот кај мојата „буба“ не е истиот што го вградила фабриката, променет е со потполно ист таков, речиси нов, изваден од друго такво возило. Инаку, има зафатнина од 1.200 кубни сантиметри и сила од 35 коњски сили. Ниски перформанси, но „бубата“ одлично се движи. На автопат сум ја возел до 130 километри на час, но толкава брзина не е препорачлива за неа. Уживањето е од осумдесет до сто километри на час – раскажува Дејан.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 79. број на неделникот „Република“, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.