В недела, во 18 часот, ракометарките на ЖРК Вардар ќе го играат последниот натпревар од Лигата на шампионите во групата 1 против Савехоф. Овој меч е од историска важност за вардарки бидејќи првпат во историјата на клубот ќе се пласираат во полуфиналето на најсилното ракометно натпреварување во Европа. Шведскиот претставник е последен во групата и е без шанси за пласман на завршниот турнир во Будимпешта.
Тренерот на Вардар, Индира Кастратовиќ, изјави дека се свесни за тежината на натправарот в недела.
– Знаеме дека со победа ќе ја постигнеме целта. Сите се подготвени за тежок натпревар бидејќи Савехоф е одлична екипа. Очекувам добар натпревар и добар резултат. Исто така се надевам на полни трибини и влез во полуфиналето – изјави Кастратовиќ.
Левото крило Сираба Дембеле се надоврза на тренерот.
– Ова е последен натпревар на Вардар пред својата публика. Се надеваме и сите посакуваме полна сала и со победа да ги израдуваме нашите симпатизери. Двата бода се императив и посакувам да се пласираме на турнирот во Будимпешта.
Освен натпреварот Вардар – Савехоф во оваа група се среќаваат и Митјиланд – Турингер кој меѓу себе треба да одлучат кој ќе биде вториот патник на нашата група.
Во групата 1 на првата позиција е Турнигер со седум бода пред Вардар со шест и Митјиланд со пет. Последен е Савехоф со два бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


