Јаја Туре и сите во таборот на Манчестер сити се разочарани од начинот на кој францускиот судија Стефан Лано ја делеше правдата на вчерашниот реваншен меч од осминафиналето во Лигата на шампионите против Барселона.
Каталонците, пак, победија, овојпат со 2-1 и со вкупни 4-1 се пласираа во следната фаза од ЛШ. На прв поглед убедливо, но Туре, кој има играно за Барселона, изјави дека со фер судење и на двата меча Манчестер сити можел да го елиминира неговиот поранешен клуб.
– Судиите беа катастрофални на двата меча. Да судеа како што треба, ќе ја елиминиравме Барселона. И вчера судијата премногу грешеше на штета на Манчестер сити. Сепак, мора да бидам искрен и да кажам дека и ние имаме вина. Ја загубивме шансата за четвртфинале на првиот дуел во Манчестер. Сега ни останува да се бориме за титулата во Премиер-лигата – изјави Туре.
Во англиското првенство Сити е на четвртото место со 57 бода, девет помалку од лидерот Челси, но има одиграно 3 натпревари помалку. Со победи на тие три меча тимот од Манчестер би го делел врвот со составот од „Стемфорд бриџ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.