| четврток, 6 декември 2018 |

„Крадачката на книги” на филмските платна од 13 март

Базиран на бестселерот на Маркус Зусак, филмот „Крадачката на книги“ од прославениот британски режисер Брајан Персивал го афирмира животот и ја покажува отпорноста на човечкиот дух во моментите на борбата за опстанок. Публиката ширум земјата ќе има можност да ја погледне трогателната приказна која се одвива во текот на Втората светска војна од четврток 13 март! Низ нарацијата на самата Смрт, филмското остварување „Крадачката на книги“ го прикажува животот на необичното и храбро деветгодишно девојче Лизел (Софи Нелис) кое живее со своите старатели, великодушниот Ханс (Џефри Раш) и неговата зајадлива жена Роза (Емили Вотсон) во Германија во текот на Втората светска војна.

Срамежливата Лизел која е во шок поради трагичната смрт на нејзиниот помал брат има потешкотии со вклопувањето во средината, особено на училиште каде врсниците ја исмеваат бидејќи не знае да чита. Со поддршката на новото семејство и Макс, еврејски бегалец кого го кријат под скалилата таа го совладува читањето. За Лизел и Макс моќта на зборовите и имагинацијата набрзо станува единствениот излез од суровиот свет.

Додека ситуацијата во Германија се влошува и омразата станува се’ поголема и поопиплива, Лизел кришум почнува да краде книги. Меѓутоа, таа не ги задржува книгите само за себе, туку ги дели со другите. Во времето на најголемото зло во човечката историја и неверојатни опасности, Лизел успева да ја согледа и убавата страна на животот.

Потписник на режијата на “Крадачката на книги“ е британскиот режисер Брајан Персивал кој има големо искуство со режија на телевизија и е носител на наградата на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (BAFTA) за најдобар краток филм.

Младата актерка која ја игра главната улога, девојчето Лизел, продуцентите ја бараа во неколку земји ширум светот и на крајот се одлучија за француско-канадската актерка Софи Нелис. Таа зад себе веќе има неколку улоги на филм и телевизија, како и неколку награди за деца актери.

Оскаровецот Џефри Раш рече дека бил запрепастен од актерските способности на Нелис и дека блискиот однос меѓу Ханс и Лизел брзо се “прелеал“ и на нив двајца.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top