Штипскиот Основен суд деновиве ќе го закаже првото судско рочиште за познатиот светиниколски бизнисмен Зоран Даневски, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување за земјоделскиот комбинат „Џумајлија”, објави „Ирис“. Против Даневски има неколку кривични пријави.
Портпаролот на Основниот суд – Штип, Стојан Михов истакна дека Даневски ќе се суди во отсуство.
– „За случајот Даневски сметаме дека веќе се исполнети условите на истиот да му се суди во отсуство, односно има официјален документ дека Зоран Даневски е недостапен за органите на прогонот на Република Македонија, што значи исполнети се условите за негово судење во отсуство и во најскоро време ќе се закаже главна расправа која ќе се одржи, а потоа ќе биде донесена во името на граѓаните на Република Македонија и објавена соодветна пресуда“, вели Михов.
Македонските истражни органи распишаа потерница по Зоран Даневски, кој неофицијално се наоѓа во соседна Бугарија. Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба за исчезнување на државни резерви на пченица и јачмен, кои што се чувале во магацините на Џумајлија. Штетата се проценува на околу 1,5 милиони евра. Против него минатата недела поднесена е и нова кривична пријава, исто така за злоупотреба на службената положба во комбинатот „Џумајлија“.
Зоран Даневски две и пол години официјално не е достапен за македонските истражни органи, иако неофицијално тој околу две години живее во Бугарија. Даневски досега има заработено неколку кривични пријави за работењето во земјоделскиот комбинат Џумајлија.
Зоран Даневски пред две години избега во соседна Бугарија и се изјасни дека е бугарски државјанин, а неколку пати даваше изјави за македонските медиуми во пограничните бугарски градови. По него има распишано меѓународна потерница, но бугарските власти одбиваат да го екстрадираат. Штипскиот Основен суд деновиве ќе го закаже првиот судски претрес за Даневски.
Но, Даневски зад себе има уште неколку кривични пријави за работењето во земјоделскиот комбинат Џумајлија, а за кои треба да постапуваат и штипскиот и светиниколскиот основниот суд Судењето ќе се одржи во негово отсуство, а доколку се врати во Македонија може да побара да се повтори постапката во негово присуство.
Штипска Апелација деновиве ја врати и одлуката во првостепениот суд за неговиот брат Слободан Даневски, на кој му беше изречена казна од три години затвор, исто така за злоупотреби во комбинатот Џумајлија, со кој раководеа двајцата браќа. Слободан Даневски беше градоначалник на Свети Николе, а Зоран Даневски директор на Ветеринарната управа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.