| четврток, 6 декември 2018 |

Виното и тутунот се златна кокошка на Македонија

vino

Ароматичниот тутун моментно има најголем извозен нето-потенцијал меѓу земјоделските култури со учество од 30 проценти во вредноста на вкупниот извоз. А во делот на лозарството и на винарство преку поддршката имаме постојан тренд на подигнување нови лозови насади или обнова на старите и сѐ поголем извоз на квалитетно македонско вино на нови пазари надвор од традиционалните држави на ЕУ и од државите од поранешна Југославија

Тутунот и виното се производи што заземаат значајно место во домашното земјоделство и со сериозен процент учествуваат во извозот, односно во вкупната вредност на земјоделско производство. Затоа и Министерството за земјоделство дава најголема поддршка за овие култури. „Вечер“ анализира зошто треба да се поддржува тутунопроизводството и винската индустрија и како тоа ќе се рефлектира во македонската економија во наредниот период и, пред сѐ, врз извозот.

Експертите кои ги консултиравме се согласни дека субвенциите кои досега се исплатени за тутунот и за лозарството одиграа значајна улога за да се зголеми и да се одржи нивото на производство, а во исто време да се обезбедат поголеми приходи за тутунарите и за лозарите.
– Тутунот е значајна култура за земјава во однос на социо-економскиот аспект, пред се бидејќи до 40 илјади семејства живеат од тутунопроизводство, а тоа е значаен број од населението за обезбедување егзистенција. Иако и Европската унија се приклучува на мерките од Светската здравствена организација (СЗО) и ги намалува и заострува критериумите за производство на тутун, сепак во изминатиот период го поддржуваше тутунопроизводство – смета Драги Димитриевски, декан на Факултет за земјоделски науки и храна.

Според него, од друга страна и зголемувањето на површините под лозови насади, извозот на трпезно грозје и извозот на вино е од круцијално значење за Македонија.

tutun 2
– Значајно е за Македонија како земја-извозничка на грозје и вино, да има сериозна поддршки за оваа земјоделска гранка. Целта е да не се намали производството во претристапниот период. Ние порано имавме 24 илјади хектари лозови насади, при што драстично се намалија површините, но со субвенциите и финансиската поддршка којашто беше исплатена за лозарството во последните неколку години, површините повторно се зголемија на 21 илјади хектари . Тоа обезбедува во периодот на преговори со ЕУ да докажеме дека Македонија има сериозно производство и да не се случи после приклучувањето во ЕУ да не замрзнат на некое ниво кое е неповолно за Македонија, потенцира професорот. Тој смета дека затоа е значајно што се поддржува секторот на грозје и вино и субвенциите ја оправдаа целта затоа што ние имаме 70 милиони долари извоз од вино и навистина се повеќе се зголемува додадената вредност, односно извозот на вино во шишиња.

Од Министерството за земјоделство и од Владата остануваат на ставот дека ќе се задржи производството на ориентален тутун и нема да има намалување на површините на кои се произведува тутун.
– На производството на тутунот, како индустриско-земјоделска култура, Владата посветува особено внимание од повеќе аспекти, социјален, економски и финансиски. Истовремено, што е особено битно, во производството на ориенталниот ситнолистен тутун се вклучени околу 40.000 семејства, или 180.000 производители што е 18,6% од вкупната работна сила во РМ, за кои тутунопроизводството претставува единствена егзистенција. На овие факти треба да го додадеме и фактот дека 3,9% од вкупното индустриско производство припаѓа на тутунската индустрија, а во тутунското стопанство во постојан работен однос се околу 3000 луѓе и 2000 луѓе сезонски вработени – вели министерот за земјоделство Љупчо Димовски.

Што се однесува до винската индустрија, министерот потенцира дека фактот што Македонија руши рекорди со извозот на вино на странските пазари, кажува дека субвенциите во овој сектор даваат резултати.
– Нашите податоци покажуваат дека во 2013 има извоз на вино најголем до сега – 885.331 хектолитри во вредност од 50 милиони евра. Ако се спореди просек за периодот од 2007 до 2012, лани извозот е за 48% поголем според количина и 24% според вредност. Според експертите во винскиот сектор, Македонија станува препознатлив бренд за вино со добар квалитет на странските пазари и за разлика од минатото кога најголем дел од извозот беше наливното вино со многу пониска вредност, сега се пласира вино во шишиња со квалитет далеку подобар и од минатото – објаснува министерот.

Според него, анализите на ресорното министерство покажуваат дека извозот на вино во ЕУ е зголемен за 45%, а просечната цена е зголемена за 10 евра по хектолитар во споредба со лани.
– Радува фактот дека е остварена примарната цел на сите програми и мерки на Владата и на Министерството за земјоделство за зголемена промоција и препознатливост на македонско вино. Како резултат на истите, во последниве неколку години најзначајно зголемување се забележува кај извозот на вино во шишиња.

Инаку државата е единствена во регионот која го субвенционира производството на тутун со 60 денари за килограм. Во делот на лозарството и винарството има неколку мерки, од субвенции за лозови насади, преку исплати за предадено грозје во регистрирана винарска визба до поддршка во делот за маркетинг и промоција на финалниот производ. Согласно петгодишната национална програма за субвенционирање, 60% од парите за директни плаќања во земјоделството се наменети за поддршка на производи кои се извозно ориентирани, како што се тутунот, градинарството, лозарството и овоштарството, овчарството и козарството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top