| четврток, 6 декември 2018 |

Почна Глобалната недела на пари во Македонија

stavreski berza
Со симболично удирање на ѕвоното во Македонската берза од страна на Александар Линин, најдобриот ученик во Средното економско-правно училиште „Васил Антевски- Дрен“ од Скопје, почна Глобалната недела на пари во Македонија.
На свеченоста присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, главниот извршен директор на „Македонска берза“ а.д. Скопје, Иван Штериев, како и околу 30 ученици.Министерот за финасии, Зоран Ставрески, им се обрати на учениците посочувајќи им колку е значајно управувањето со парите и едукацијата за менаџирањето со нив.

Управувањето со парите тој го спореди како управување со сопственото здравје, а значењето на финансиската едукација е исто толку значајно како и секој друг вид едукација.

Ставрески најави дека Министерството за финасии ќе изработи и брошура за проектот „360 финансиска едукација“, кој ќе биде наменет за сите генерации со повеќе информации за тоа како да се управува со парите и како да се води економија со тој ограничен ресурс.

Оваа година Глобалната недела на пари се одржува од 10 до 17 март и во неа учество ќе земат околу два милиона деца од над 100 земји во светот. Тие ќе се вклучат во активностите кои ќе бидат организирани од над 500 институции и организации.

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, посочи дека денеска исти вакви свечености имаат 17 берзи во светот, кои придаваат големо значење на финансиската едукација на младите.

Тој потенцираше дека слични вакви настани Народна банка ќе организра во околу 20 училишта во кои младите финансиски ќе се едуцираат и ќе дознаат повеќе за значењето на парите, инфлацијата и другите важни фактори во правилното управување на финансиите.

На крајот на учениците им беше овозможено да се вклучат и  да тргуваат на виртуелна берза. На ученикот што по еден месец тргување ќе постигне најдобар резултат, ќе добие наградна бесплатна обука во „Македонската берза“ за принципите на пазарите на капитал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top