Загрижена од случувањата во Украина, партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски најави иницијатива за брз прием на Македонија во НАТО.
Претседателскиот кандидат Зоран Поповски соопшти дека уште денеска ќе испрати писма до амбасадите на земјите членки на НАТО во земјава, како и до седиштето на Алијансата во Брисел.
– Ние од Граѓанската опција на Македонија како политичка партија ја изразуваме својата загриженост за состојбите во црноморскиот регион и опасноста од избувнување на граѓански конфликт во Украина кој ќе се одрази глобално врз безбедноста, економијата и геополитиката во целиот свет, изјави Зоран Поповски.
Тој рече дека ќе превземат и конкретна иницијатива во насока на превенирање на евентуалниот неповолен развој на настаните кој може да имаат реперкусии и врз Македонија.
– Следејќи го развојот на ситуацијата, ги повикуваме ООН, НАТО, ЕУ и ОБСЕ да преземат сериозни и итни мерки за спречување на ескалацијата на драматичните состојби во Украина. Веќе утре ќе испратам писмо до сите амбасади на земјите членки на НАТО во Република Македонија и до седиштето на НАТО во Брисел за нивна заложба за итно започнување на процедурата за брз прием на Република Македонија во НАТО, врз основа на апликацијата од Букурешт 2008, истакна Поповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


