На два месеци до четвртото издание на фестивалот на нова музика Здраво Млади, организаторот – МКЦ го претставува првиот потврден бенд – Chk Chk Chk. Фестивалот традиционално ќе се случи во Младинскиот културен центар, на 23-ти мај. Калифорниско-њујоршкиот грув колектив (Chk Chk Chk) во новиот милениум на голема врата го промовираше современиот звук на пост-панкот и новиот бран.
„Здраво Млади“ го оддржува чекорот со новите збиднувања на светската музичка сцена, па така „Chk Chk Chk“ доаѓаат во Скопје за првпат откако минатата година го издадоа изворедниот албум „Трилер“, кој беше прогласен и за албум на годината на скопското музичко радио „Канал 103“.
„Chk Chk Chk“ е бенд основан во 1996 година во Сакраменто, Калифорнија, како фузија помеѓу локалните состави Black Liquorice, Popesmashers и The Yah Mos. По заедничката успешна турнеја, овие три екипи одлучуваат да го спојат диско-фанкот со ангажираните звуци. Името на бендот е инспирирано од титловите во филмот „Боговите паѓаат на теме“, во кој „говорот“ на Бушманите било означено со интерпункцискиот знак „!“.
Првoто долгосвиречко издание, издадено во 2000. година, насловено како и името на бендот веднаш ја покажува магичната моќ на нивната уникатна денс музика, зачинета со бескрајно софистицираниот хумор. Во 2003 година следува популарниот сингл „Me and Giuliani Down By the School Yard“, додека вториот албум „Louden Up Now“, го издаваат во јуни 2004 година. Третиот, комерцијално најпознат албум „Myth Takes“ го издаваат во 2007 година.
Бендот го сочинуваат Марио Андреони (гитара), Дан Горман (хорни/перкусии/клавијатури) Ник Офер (вокали), Тајлер Поуп (бас/електроника) и Ален Вилсон (хорни/перкусии/клавијатури). На турнеи се придружувани и од Шенон Фанкис (вокали), Шон Мек Гехен (електроника/звучна манипулација) и Пол Катроне (тапани). Во последните години бендот работи на релација помеѓу Сакраменто и Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.