| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски на конгрес на ЕПП во Даблин

gruevski-dablin

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска и утре ќе учествува на 22. конгрес на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи во Даблин, Република Ирска.

Во делегацијата која го придружува се и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер, Влатко Ѓорчев и Никола Попоски, кој е и актуелен шеф на македонската дипломатија.

Конгресот претставува подготовка и е вовед во изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат од 22-25 мај, настан кој ќе ја одбележи оваа 2014 година во ЕУ. На конгресот на Европската народна партија ќе се избере и нејзин кандидат за претседател  на Европската комисија.

Според аналитичарите, изборот, кој ќе го направи Европската народна партија, за многумина е одлучувачки бидејќи согласно доминантната поддршка, која ја има оваа партија во рамките на земјите на ЕУ, многу веројатно тоа ќе биде и новиот наследник на Жозе Мануел Баросо и иден претседател на Европската комисија.

На денешната пленарна сесија на Конкресот има повеќе точки на дневниот ред меѓу кои и  избор на претседател на ЕПП, дискусија и гласање за Акциската програма 2014-2019 по што ќе следи гласање за повеќе резолуции и декларации.

За попладнево предвидени се обраќања пред присутните на повеќе шефови на држави и влади, меѓу кои и на премиерот Груевски, кој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја претставува Македонија. На настанот се очекува да присуствуваат повеќе од 2.000 учесници, дел од кои и лидери на институциите на ЕУ, а кои доаѓаат од Европската народна партија, шефови на држави и влади, партиски лидери, министри, национални и европски парламентарци и делегати на партиите членки на Европската народна партија.

Се очекува на Конгресот македонската делегација да оствари контакти и интензивна комуникација со повеќе европски лидери.

Европската народна партија е најголемата политичка партија на европско ниво, со 12 шефови на влади на држави од Европската унија, 13 членови на Европската комисија како и со најбројна група во Европскиот парламент. Таа претставува најголемата и највлијателна политичка партија на повеќе одлучувачки нивоа во ЕУ.

Меѓу присутните на Конгресот во Даблин се и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, полскиот премиер Доналд Туск, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, како и актуелниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top