| четврток, 6 декември 2018 |

Увидот во избирачкиот список за претседателските избори завршува в петок на полноќ

IZBIRACKI-SPISOK

Утре на полноќ завршува дваесетдневниот јавен увид во избирачкиот список за претседателските избори за граѓаните од земјава и за дијаспората.

Досега преку веб-страницата на Државната изборна комисија увид во избирачкиот список направиле 80.000 граѓани, додека до Комисијата преку Дипломатско-конзуларните претставништва се доставени 2.747 барања од дијаспората, од кои 2.415 се прифатени. Најмногу од нив се од државјани на Македонија кои живеат или се со престој во европските земји.

Државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП до ДИК или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список и/или да достават Барање за гласање за претстојните претседателски избори, исто така, до петок на полноќ. Примените барања и пријави преку ДКП-та, Министерството за надворешни работи треба да ги достави до ДИК веднаш или најдоцна до 10 март.

Избирачкиот список на политичките партии треба да им биде доставен до 12 март. ДИК го заклучува избирачкиот список најдоцна до 22 март.

Петтите претседателски избори во Македонија се закажани за 13 април. Кампањата за претседателските избори почнува на 24 март, 20 дена пред изборите. На вториот круг од изборите на 27 април во земјата ќе се одржат и предвремени парламентарни избори, за што изборните рокови Државната изборна комисија ќе ги соопшти во следните денови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top