
Претседателот Ѓорге Иванов попладнево беше во посета на Росоман, каде оствари средба со граѓаните.Жителите на Росомaн, чие главно занимање е производство на земјоделски производи, изразија задоволство од исплатените субвенции. Во земјоделството во подрачна единица Кавадарци во периодот од 2006 – 2013 г. – се исплатени приближно 1.9 милијарди денари, а само во 2013 г. се исплатени 240 милиони денари субвенции, пред се во овоштарството и лозарството.
Од аспект на транспортот на земјоделските производи, жителите на Росоман посочија дека од сособено знаење за нив е патната инфраструктура, при што го поздравија проектот за реконструкција регионалниот пат Кавадарци – Росоман, инвестиција во вредност од околу 4,5 милиони денари.
Воедно, жителите на Росоман истакнаа дека во последните неколку месеци околу 200 лица од нивната општина се ангажирани во германската фабрика „Дрексел Мајер“, што е од особено значење за подигнување на стандардот во нивната општина.
Градоначалникот на Росоман, информираше дека континуирано се работи на подобрување на патната инфраструктура во општината, дека се изведени 3 локални патни правци, асфалтирани улиците во сите населени места, поплочени тротоари, и дека оваа година се планира изведба на еден локален пат во вредност од 21.7 милиони денари. Воедно, во тек е изградбата на спортска сала во ОУ „Перо Тошев“, а се очекува и отворање на нова детска градинка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


