| четврток, 6 декември 2018 |

Над 700 неготинчани вработени во „Дрексел Мајер“

negotino-ivanov1-500

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го посети Неготино, каде оствари средба со граѓаните. На средбата Иванов беше информиран за реализацијата на тековните проекти, како што е проектот за подобрување на условите за водоснабдување во општината во вредност од 30.7 милиони денари.

Во разговорите со претседателот Иванов, жителите на Неготино се согласија дека отворањето на странските фабрики во овој регион значат подобра перспектива за младите луѓе од овој регион, од аспект на отворање на нови работни места и ќе придонесат за значаен економски развој на овој крај. Во овој контекст беше спомената изградбата на германската фабрика „Дрексел Мајер“ во Кавадарци за производство на кабелски инсталации и опрема, фабрика во вредност од околу 20 милиони, каде се предвидени 4.000 нови работни места во регионот. Жителите на Неготино истакнаа дека од нивната општина се вработени околу 700 лица во оваа фабрика.

Градоначалникот на Неготино истакна дека во тек е оформувањето на индустриска зона Неготино, наменета за изградба на откупно-дистрибутивни центри и објекти од лесната индустрија и најави дека во иднина ќе се работи на дооформување на индустриската зона Дуброво – Тремник, каде би се отвориле уште 500 нови работни места

Претседателот Иванов посочи дека паралелно со странските треба да се стимулираат и домашните инвеститори, при што беше информиран дека и кај домашните бизнисмени постои интерес за изградба на индустриски капацитети и за изградба на мини винарии во околината на Неготино.
Воедно, жителите на Неготино го информираа претседателот Иванов дека се изградени две комплетно нови спортски сали во вредност од 66 милиони денари, инвестиција на Владата, и дека е од неодамна добиле и мултинаменско игралиште во населбата Саат-кула.

Во рамки на посетата, претседателот Иванов го посети ловечкото друштво„Неготино“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top